Вардарски после 27 години се врати во Втора лига но и натаму чека на второлигашко славје откако по осум кола има две ремија и шест порази, од кои пет последователни, а тоа се рефлектираше со промена на тренерската позиција. На местото на Васе Беќаров дојде искусниот стратег Ѓоре Јовановски, кој ќе има за цел да избори опстанок во Втората лига, но најпрво би требало клубот да го извлече од резултатската криза, односно да забележи прво сезонско славје бидејќи Вардарски е единствениот второлигаш кој не се израдува на триумф.
Вардарски в сабота гостува на „Билјанини Извори“ ќе има тешко гостување против Охрид, Јовановски своето деби како тренер на Вардарски ќе го има во градот покрај Охридското Езеро, а неговата мисија ќе биде успешно да се „преплива“ Охридското Езеро.
Евентуално изненадување на Вардарски и освојување на трите бодови ќе биде вистинска мешаница во долниот дел од второлигашката табела.
Борец експресно се врати во Втора лига, но како тргнал може и експресно да се врати во Трета лига – Југ. Велешани мака мачат и натаму, клубот е далеку од сезоните кога беше конкурентен во Втора лига, кога беше дел од Прва лига.
Охрид беше во резултатска криза и таму се случи тренерска промена Никола Илиевски – Џиџи замина, клубот нема назначено тренер, клубот го води младиот Ромео Кочоски кој има четири од четири со Охрид, а в сабота ќе бара пет од пет.

По осум одиграни кола Борец е претпоследен со четири бодови на своето конто, со скор од само една победа, едно реми и дури шест порази, а во Велес како и во Богданци се случи тренерска промена, на местото на Љупчо Димитковски – Гања дојде младиот тренер Даниел Стојановски кој успеа да собере четири бодови, но сепак Борец е далеку од тоа што треба да биде како велешка фудбалска гордост и фудбалски бренд во Македонија.
В сабота Борец на домашен терен ќе има тежок натпревар против одличниот Детонит Плачковица, кој е во одлична форма, по доаѓањето на штипскиот стратег Горан Здравков клубот не знае за пораз и бележи одлини резултати.
Токму Здравков како повратник на тренерската позиција на второлигашот од Радовиш дебитираше со триумф над Борец во Велес од минимални 0:1 со голот на Оливер Христов. Радовишани испишаа историја во Купот откако го совладаа прволигашот Пелистер и преку пенали стигнаа во четвртфиналето максимално мотивирани сакаат продолжува на одличната серија во првенството, а тоа ќе биде јасен сигнал дека Борец мора да внимава.
Домашниот терен и тоа што се игра на вештачка трева како и поддршка од домашната публика е предност за за Борец, но Детонит Плачковица има далеку поквалитетен тим, со искусни играчи кои имаат прволигашко искуство и млади играчи кои веќе се на радарот на прволигаши.
Трите бодови повеќе од јасно е дека ќе му значат на Борец, бидејќи во секој друг случај ќе продолже да тоне на второлигашката табела.

Осогово како да не ја научи лекцијата од минатата сезона кога во последното коло дојде до триумф, сезонава одново отвори лошо и не прави резултати со кој би можеле „жетварите“ да се одвојат од долниот дел на табелата. Осогово со една победа, две ремија и пет порази е на 14-тото место односно во бараж зоната со пет бодови на своето конто.
В сабота во Струмица против Беласица ќе се бара излез од резултатската криза, ќе биде тешко, но од друга страна ниту Беласица не е според посакуваното, дури во претходното коло над Вардарски дојде до прв триумф.
Притисокот ќе биде кај Осогово кој силно ќе атакува на трите бодови кои може да го издигнат Осогово барем за едно до две места на табелата.
Вардар Неготино лани одигра одлична сезона, но годинава како тргнал повеќе се чини дека ќе биде сведено на борба за опстанок.
Само една победа од осум натпревари, со две ремија и пет порази екипата на Горан Тодорчев е на 13-тото место со пет бодови колку што има Осогово. В сабота пред Вардар Неготино ќе биде исклучително тешко гостување, против Брегалница во Штип ќе се бара излез од резултатска криза бидејќи на последните пет натпревари екипата од Неготино има четири порази и едно реми.

Секако дека Брегалница ќе биде апсолутен фаворит, домашниот терен, квалитетните играчи, домашната публика ќе бидат огромна предност за „сините“ на Трајче Сенев, но и Брегалница не игра некој доминантен и конкретен фудбал. Најчесто натпреварите ги добива со гол разлика, во нападот многу често знае да не ги реализира шансите и противникот да казнува, така беше со Осогово во Штип. Тоа отвара можност и за Вардар Неготино да направи изненадување, гол од прекин или од игра и затварање со цел обезбедување барем на бод.
Во секој случај ќе биде меч каде и двете екипи имаат притисок, Брегалница за Прва лига, Вардар Неготино за излез од кризата и барање на ран опстанок, па тоа ќе направи да има неизвесен меч во Штип.