Радовиш останува „закован“ на дното од табелата во Суперлигата откако го запиша 11-тиот пораз во низа губејќи од Прилеп со 24:29 во натпревар од 11. коло.
Прилеп одлично го отвори резултатот и по првите десет минути игра имаше плус четири односно резултатот беше 4:8 кога тренерот на радовишани Љупче Мијалов побара тајм-аут. По истиот радовишани не реализираа неколку напади и со неколку грешки кои што ги направи прилепчани да ја чуваат предност од три до четири погодоци и практично да не му дозволуваат на „фенерџијата“ резултатски да се врати во игра и да напаѓа за водство.
Радовиш дојде до минус еден односно 11:12 кога Ацев одбрани, а веднаш во нападот домаќинот реализираше гол преку Мартин Димов.
Веднаш потоа тренерот на Прилеп, Наум Танески побара тајм-аут, по истиот гостинот не погоди, а Радовиш имаше можност за израмнување, но не успеа да реализира Димов по одличната интервенција на Иван Ангелески.

Во 25. минута Радовиш имаше нова можност да намали на минус еден, по интервенцијата на голманот Ацев, но нападот на радовишани „зариба“, па Прилеп тоа го искористи за три односно 13:26 со гол од седум метри на Димитар Димитриоски.
Првото полувреме заврши со водство на прилепчани од 14:18.

Во вториот дел Радовиш заигра подобро и тоа доведе до минус еден при 22:23 на десет минути до крајот, но сепак Прилеп брзо направи одлична серија и дојде до 22:26, па тоа се покажа и клучно бидејќи со неколку грешки радовишани се „распаднаа“ како кула од карти, а тоа предизвика предвреме заминување на публиката.
Во последните пет минути од мечот Прилеп ја зголемуваше разликата со која го забележа овој убедлив триумф во Радовиш кој за нив е четврти сезонава.
Конечниот исход во СРЦ „25 Мај“ беше убедлива победа за Прилеп над Радовиш со резултат од 24:29. Најдобар стрелец кај Радовиш беше Славе Јанковски со шест гола, а го следеше Мартин Димов со пет погодоци, кај Прилеп седум реализации имаше Димитар Димитриоски.

Во следното коло Радовиш на домашен терен ќе игра против Куманово во обид за први бодови и прв позитивен резултат, а пак Прилеп ќе гостува во Битола кај Еурофарм Пелистер 2.
