Фудбалскиот клуб Овче Поле од Свети Николе годинава прославува еден век постоење. Клубот е основан во далечната 1925 година, а сега се натпреварува во Третата македонска фудбалска лига – Исток и се бори сезоната да ја заврши на второто место на табелата.
Домашните натпревари екипата на Овче Поле ги игра на Градскиот стадион во Свети Николе, а навивачката група се вика „Овчари“.
Низ својата историја клубот се има натпреварувано во Втората македонска фудбалска лига, како и во Првата републичка лига на Македонија за време на Југославија, особено во 70-тите и 80-тите години.
Во сезоната 2021/2022 екипата на Овче Поле стана шампион во Трета лига – Исток и играше бараж за влез во Втора лига, но загуби од Арсими со 1:4 и остана во Трета лига – Исток, додека Арсими сега е пред можноста за историски влез во Прва лига.

Во овој клуб своите кариери ги имаат започнато Гордан Здравков и Роберт Петров.
Како што информираат од клубот од Свети Николе, наскоро ќе споделат повеќе информации околу одбележувањето на овој јубилеј, како и за сите активности поврзани со него.