Естонија уште еднаш ја потврди својата физичка и резултатска надмоќ, овојпат и на гостувањето во Штип. Во спортскиот центар „Џексон“, гостинската репрезентација ја совлада Македонија со убедливи 86:51, во натпреварот од второто коло на претквалификациите за Евробаскетот 2029.
Естонките уште од самиот почеток наметнаа силно темпо и со почетна серија од 12:0 покажаа дека се дојдени по победа. Македонските кошаркарки тешко го пронаоѓаа патот до противничкиот кош, па по првата четвртина гостинките имаа убедливо водство од 23:9.
Ниту продолжението не донесе значителна промена во односот на силите. Естонија со нова серија од седум поени стигна до 30:8, но избраничките на македонскиот селектор возвратија со подобра игра и поголема борбеност. Со серија од шест поени, а потоа и намалување на негативата на 22:34, Македонија покажа знаци на подобрување.
Сепак, гостинките брзо го запреа налетот на нашата репрезентација и повторно воспоставија сигурна предност. На полувремето Естонија замина со водство од 49:30.
Позитивен момент во првиот дел беше распределбата на поените во македонскиот состав, со дури седум кошаркарки кои се запишаа во листата на стрелците, што претставуваше подобро издание во однос на претходниот натпревар против Романија во Букурешт.
Во второто полувреме, сепак, Естонија повторно ја презеде целосната контрола врз натпреварот. Со серија од 10:2 на стартот на третата четвртина, гостинската селекција дополнително ја зголеми предноста, а во продолжението без поголеми проблеми ја одржуваше разликата до конечните 86:51.
Во македонскиот состав најефикасна беше Јована Петрушевска со 11 поени и пет скока. Димова постигна 10 поени и шест скока, Пислевска заврши со девет поени, Адамовска запиша осум поени и две асистенции, додека Максимовска и Митрева постигнаа по четири поени.
Со овој пораз, македонската женска репрезентација го заврши ноемврискиот ФИБА-прозорец со два порази, откако претходно загуби и од Романија во Букурешт, во рамките на претквалификациите за Евробаскетот 2029.