Победа над Брера Струмица и бод на гостувањето кај Македонија ЃП — Осогово врза два натпревара без пораз и освои четири бода, резултати што носат охрабрување за кочанчани во продолжението од второлигашката сезона.
По домашниот триумф од 3:1 над Брера во деветтото коло, Осогово одигра 0:0 во Ѓорче Петров. Со тоа кочанскиот состав стигна до седум бода и се израмни со Еуромилк, а разликата до Новаци изнесува еден, додека Детонит Плачковица е два бода пред него.
Тренерот на Осогово, Спирко Златков ја истакна посветеноста на фудбалерите, ставајќи ги борбеноста и заедништвото во преден план.
„Карактерот се гради во вакви битки. Голема благодарност до фудбалерите за борбеноста, дисциплината и пожртвуваноста. Покажавме карактер, тактичка зрелост и желба до последната минута. Продолжуваме да работиме, да веруваме и да се бориме еден за друг. Најдоброто допрва доаѓа!“, порача тренерот.
Четирите бода не ја менуваат целосно положбата на Осогово, кој останува на претпоследното место, односно во опасната зона за испаѓање во Трета лига, но го доближуваат до екипите пред него и зоната за опстанок.
Победата над Брера покажа дека “жетварите” можат да освојуваат бодови против тим од горниот дел на табелата, а гостувањето без примен гол кај Македонија ЃП донесе продолжување на позитивната серија.
Следниот испит е домашниот дуел со Работнички. За Осогово тоа ќе биде можност да покаже дали последните два резултата се почеток на постабилни настапи и постепено придвижување од долниот дел на табелата кон средишниот дел.