Македонскиот одбојкарски шампион Штип УГД загуби од холандскиот првак Орион Старс со 2:3 во сетови во реванш-натпреварот од ЦЕВ Лигата на шампионите.
За првпат во историјата, во градот под Исарот се одигра натпревар од најелитното европско клупско одбојкарско натпреварување. Овој дуел претставуваше историски момент за одбојката во Штип, а домашната публика во салата „Џексон“ имаше можност да го бодри својот шампион на европската сцена.
Одбојкарите предводени од Кристијан Ристески го исполнија ветувањето и прикажаа подобра игра во однос на првиот натпревар во Холандија, кога загубија со 0:3 во сетови. Иако на крајот не успеаја да стигнат до победа, штипјани освоија два сета и покажаа подобро издание на домашен терен.
Штип УГД го доби првиот сет со 25:23, но Орион Старс возврати во вториот, кој го освои со 20:25. Македонскиот шампион повторно поведе по освојувањето на третиот сет со 25:21, со што во салата „Џексон“ следуваше вистинска одбојкарска возбуда, проследена со позитивна атмосфера и поддршка од трибините.
Сепак, холандскиот првак покажа зошто е меѓу најдобрите екипи во својата земја. Орион Старс доминираше во четвртиот сет, кој го доби убедливо со 10:25, а во решавачкиот, петти сет, славеше со 10:15 за конечни 2:3.
И покрај поразот, Штип УГД приреди натпревар за паметење пред своите навивачи и испиша нова страница во историјата на штипската одбојка со настапот на домашен терен во Лигата на шампионите.