Новиот третолигаш Огражден од Ново Село продолжува да испраќа сериозни сигнали пред стартот на новата сезона. Тимот денеска забележа убедлива победа од 2:5 на гостувањето кај Победа Валандово, во натпревар кој покажа дека составот од Ново Село има квалитет и амбиција за висок пласман.
„Калинкарите“ од Валандово, кои минатата сезона беа шампиони во Трета лига – Исток, но не успеаја да го минат баражот за влез во Втората лига, претрпеа тежок пораз на домашен терен. Победа во новата сезона повторно ќе биде дел од третолигашкото друштво, но тимот ќе изгледа во поинаков состав, со оглед на тоа што неколку фудбалери го напуштија клубот.
Од другата страна, Огражден покажа одлична игра и пет пати ја тресеше мрежата на домаќинот. За тимот од Ново Село погодуваа Живко Гоцев, Јован Дрвошанов, Никола Тасев, Роберт Иванов и Христијан Крстев, со што победата доби дополнителна тежина.
Огражден во минатата сезона беше шампион во Општинската фудбалска лига – Струмица, со што обезбеди пласман во Трета лига – Регион 3. Веќе во подготвителниот период тимот покажува дека не сака само да биде учесник, туку има сериозни намери во третолигашката конкуренција.

Клубот од Ново Село во изминатиот период работи организирано и со јасна визија за иднината. Составот е склопен со цел Огражден да биде конкурентен, а резултатите од подготовките се дополнителна потврда дека во Ново Село сериозно се работи на создавање стабилен фудбалски колектив.
„Продолжуваме со напорна работа, чекор по чекор, со јасна цел и уште поголема мотивација. Претставени и нашите гостински дресови за следна сезона“, велат од ФК Огражден
Со ваков пристап, ентузијазам и организација, Огражден може да биде едно од пријатните изненадувања во новата сезона. Ново Село добива свој претставник во Трета лига – Регион 3, а љубителите на фудбалот од општината ќе имаат можност да следат третолигашки фудбал и на домашен терен.
Пет гола во Валандово се одлична најава – Огражден има амбиција, квалитет и јасна визија за она што следува.