Фудбалскиот клуб Скопје по две сезони пауза повторно ќе биде дел од Првата македонска фудбалска лига. Тимот од Автокоманда ја оствари својата цел преку баражот против Брера Струмица, а зад големиот успех стои тренерот Александар Таневски, кој уште еднаш потврди дека знае како се освојува билет за елитното друштво.
Скопје ја заврши сезоната на второто место во Втората лига, а потоа со победа од 1:0 над Брера Струмица на стадионот „Петар Милошевски“ обезбеди враќање во ПМФЛ по сезоната 2022/2023.
За 42-годишниот стратег ова е уште едно големо достигнување во богатата тренерска кариера. Таневски неодамна се стекна со УЕФА Про лиценца – највисокото тренерско звање, а зад себе има успешни епизоди во Македонија Ѓорче Петров, Академија Пандев (денешна Брера Струмица), Беса од Добри Дол и Скопје. Со враќањето на „пиратите“ во елитата, Таневски испишува уште едно значајно поглавје во својата кариера.
Во интервју за Спортска Мрежа, Таневски зборува за тешкиот пат до Првата лига, баражот со Брера, конкуренцијата во македонскиот фудбал, работата со младите фудбалери и идните предизвици.
- Од петто место до Прва лига: Како Скопје ја надополни негативата и стигна до целта?
Скопје зимуваше на петтото место со седум бодови негатива зад лидерот, но во вториот дел од сезоната направи фантастична серија и се врати во трката за највисок пласман.
„Скопје ја оствари целта по потешкиот пат, но најважно е дека целта беше исполнета. Кога дојдовме на полусезона бевме на петтото место со седум бодови негатива во однос на лидерот. Во тој момент знаевме дека нема простор за грешки и дека секој натпревар за нас ќе биде како финале.
Не беше лесно да се надополни таа разлика бидејќи пред нас имаше квалитетни и искусни екипи. Сепак, верувавме во процесот. Заедно со управата направивме добра анализа на тимот, доведовме играчи кои карактерно и квалитетно се вклопија во нашите барања и одработивме одлични зимски подготовки.
Мислам дека токму подготовките беа клучот. Играчите покажаа огромна дисциплина и посветеност, а тоа подоцна се виде и на теренот.
Ако треба да направам ретроспектива на сезоната, најголем предизвик беше да се одржи вербата кај играчите кога бевме во негатива на табелата. Најтешко беше да се издржи психолошкиот притисок, затоа што сите во клубот сакаа враќање во Првата лига. На крајот токму карактерот на екипата направи разлика.
Она што посебно ме прави горд е начинот на кој дојдовме до целта. Во вториот дел од сезоната остваривме 15 победи на 16 натпревари, постигнавме 41 гол, а примивме само 4. Бевме екипата со најмногу победи во лигата и мислам дека тоа доволно говори за квалитетот, карактерот и посветеноста на овие момци. Затоа за мене тие се морални шампиони на првенството. Иако на крајот останавме втори поради меѓусебниот скор, начинот на кој играше оваа екипа заслужува огромна почит.“
- Баражот како меч на сезоната: Колку тежат тие 90 минути?
Иако Скопје одигра одлична пролетна полусезона, патот до елитата мораше да го бара преку баражот против Брера Струмица. Таневски вели дека токму ваквите натпревари носат најголем психолошки товар.
„Бараж натпреварите секогаш носат специфична тежина. Во тие 90 минути, а понекогаш и пеналите, се собира целата работа од една сезона.
Од една страна тоа е убавината на фудбалот, но од друга страна носи огромен притисок. Затоа многу повеќе внимание посветивме на психолошката подготовка отколку на дополнителни тактички детали. Играчите требаше да бидат мирни и да веруваат во тоа што го работеле цела сезона.
Што се однесува до моето претходно искуство во Академија Пандев, секое искуство е добредојдено и сигурно помага. Но фудбалот брзо се менува. Денешна Брера е различен клуб во однос на периодот кога работев таму.
Можеби е интересно што еден од најзначајните моменти во мојата кариера е поврзан токму со тогашната Академија Пандев. По влезот со Македонија Ѓорче Петров во Првата лига, во мојата прва сезона како тренер во елитното друштво успеавме да избориме настап во Европа, што беше прво европско учество за клубот по пауза од 15 години. Истата сезона игравме и финале на Купот на Македонија токму против Академија Пандев, каде што бевме поразени по изведување пенали.
Тоа се искуства кои ме изградиле како тренер, но не мислам дека имаа пресудно влијание врз баражот. Натпреварот го решија моменталната форма, подготовката и карактерот на нашата екипа.“

- Колку тежи враќањето на Скопје во елитата во ваква конкуренција?
Втората лига оваа сезона понуди голема неизвесност, а според Таневски конкуренцијата во иднина ќе биде уште поголема.
„Од денешна перспектива можам да кажам дека ова беше една од најтешките сезони во мојата кариера. Конкуренцијата беше навистина сериозна и до самиот крај неколку екипи беа во игра за врвот.
Токму затоа мислам дека враќањето на Скопје во Првата лига има уште поголема тежина. Ако се погледне какви клубови остануваат или доаѓаат во Втората лига, јасно е дека секоја следна сезона ќе биде уште потешка. Имаме клубови со традиција, поранешни шампиони, екипи кои настапувале во Европа и клубови со сериозни амбиции.
Од тој аспект сметам дека оваа сезона клубот направи навистина значаен чекор напред.“
- Македонскиот фудбал станува сè поконкурентен
Како носител на УЕФА Про лиценца и селектор на репрезентацијата на Македонија до 20 години, Таневски внимателно ги следи сите процеси во домашниот фудбал.
„Македонскиот фудбал има свои предизвици, но мислам дека конкуренцијата е поголема од порано. Денес многу потешко се освојуваат бодови отколку пред неколку години.
Тоа го гледаме и во Првата лига, каде шампионската трка и борбата за опстанок често се решаваат во последните кола. Истото важи и за Купот на Македонија, каде се почесто има изненадувања, како и за Втората лига каде конкуренцијата е огромна.
Посебно ме радува што се повеќе млади играчи добиваат можност и што клубовите покажуваат поголема храброст да работат со нив. Тоа е единствениот пат македонскиот фудбал долгорочно да напредува.“

- Таневски: Најголемото богатство се младите играчи и заедничкиот успех
На крајот од разговорот, стратегот на Скопје се осврна и на својата тренерска филозофија, работата со младите фудбалери и успесите во кариерата.
„Ако треба нешто дополнително да издвојам, тоа е дека сум особено горд на фактот што низ кариерата секогаш сум се трудел да им давам простор на младите играчи. Денес голем број од нив настапуваат во Првата лига или надвор од Македонија и тоа за мене претставува големо задоволство.
Исто така, горд сум што успеав да обезбедам пласман во Првата лига со три различни клуба. Прво со Македонија Ѓорче Петров како шампион на Втората лига, потоа со Беса и конечно оваа сезона со Скопје.
Во меѓувреме дојдоа и настапот во Европа со Македонија Ѓорче Петров по пауза од 15 години, финале на Купот на Македонија и ангажманот како селектор на репрезентацијата на Македонија до 20 години.
На крајот, секој успех е заеднички.
Тренерот може да даде насока, но заслугите секогаш им припаѓаат на играчите, стручниот штаб и луѓето кои секојдневно работат за клубот. Без нив ниту еден тренер не може да биде успешен.“

Со враќањето на Скопје во Првата лига, стекнувањето на УЕФА Про лиценцата и работата со младите репрезентативци, Александар Таневски потврдува дека е еден од најперспективните македонски тренери. Успехот со клубот од Автокоманда е уште една потврда за неговата посветеност, а следниот предизвик ќе биде да го предводи Скопје во елитното друштво и да продолжи со развојот на новите генерации македонски фудбалери.