Втора лигаТрета лигаФудбал

Камјани испрати силна порака по историскиот успех: Во Штип победија фудбалот, почитта и пријателството

Сподели
Сподели



Фудбалскиот клуб Камјани испиша една од најубавите приказни на македонската фудбалска сцена оваа сезона. Шампионот на Трета лига – Запад обезбеди историски пласман во Втората македонска фудбалска лига, откако во бараж-натпреварот на Градскиот стадион во Штип со 2:0 ја совлада Победа Валандово.

Со овој триумф, Камјани за првпат во својата историја ќе биде дел од второлигашкото друштво, но од клубот потенцираат дека покрај резултатот, во Штип победиле и вистинските спортски вредности.

Иако на теренот се водеше голема борба меѓу шампионите на Трета лига – Запад и Трета лига – Исток, по последниот судиски свиреж следуваа сцени кои се вистински пример за спортско однесување. Раководствата на двата клуба, фудбалерите и навивачите покажаа дека ривалството може да остане само на теренот, а почитта и пријателството да продолжат и по завршувањето на натпреварот.

Од новиот второлигаш за Спортска Мрежа истакнаа дека од првиот до последниот момент имале коректен однос од противникот од Валандово, а веднаш по натпреварот добиле честитки за заслужената победа и пласманот во Втората лига.

„Сакаме во името на управата и играчите на ФК Камјани да им се заблагодариме на управата и фудбалерите на ФК Победа Валандово. Во Штип победи фудбалот. Гледавме одличен натпревар, а од самиот почеток до крајот имаше коректен и спортски однос од противничката екипа и нивните навивачи. Претседателот на ФК Победа Валандово ни ја честиташе победата, а меѓу двата клуба воспоставивме одлична комуникација и пријателски односи. Во иднина планираме да одиграме и пријателски натпревари во рамките на подготовките за новата сезона. Посебна благодарност и до навивачите на Победа Валандово за фер и спортското навивање во текот на целиот натпревар. Ова е уште една потврда дека фудбалот треба да нè зближува, да создава нови пријателства и меѓусебна почит“, велат од ФК Камјани за Спортска Мрежа.

Токму ваквите сцени покажуваат дека македонскиот фудбал има и една поубава страна, каде што резултатот е важен, но уште поважни се спортскиот дух, фер-плејот и взаемното почитување.

По историскиот успех, раководството на Камјани веќе ги насочува погледите кон следната сезона. Од клубот најавуваат работа на засилување на играчкиот кадар и формирање конкурентен тим кој ќе може успешно да се носи со предизвиците во Втората лига.



Во Камјани се свесни дека ги очекува исклучително тешка и квалитетна сезона, но истовремено веруваат дека со добра организација, правилна селекција и заедништво ќе успеат достојно да го претстават клубот во новото друштво.

Историскиот пласман во Втората лига донесе голема радост во Камјани, но истовремено и една порака која остана да одекнува по завршувањето на баражот во Штип – кога има почит, фер-плеј и спортски дух, тогаш победува фудбалот.



Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

КупФудбал

КУП: Величков ќе им суди на БВК Коњаре и Башкими, Ралевски на Детонит Плачковица и Шкендија Арачиново

Утре се играат седум натпревари од првата фаза на Купот на Македонија, откако минатата недела беа одиграни пет средби. Познати се и судиите...

Втора лигаФудбал

Пелистер го промовираше Мите Цикарски

Второлигашот Пелистер од Битола го промовираше Мите Цикарски како најново засилување, кое доаѓа од редовите на Беласица. Триесет и тригодишниот фудбалер ги покрива...

Поврзани написи
Втора лигаФудбал

Пелистер го промовираше Мите Цикарски

Второлигашот Пелистер од Битола го промовираше Мите Цикарски како најново засилување, кое...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!