Фудбалерот на Новаци, Стефан Јовановски, зад себе има фантастична сезона во Втората македонска фудбалска лига и со своите настапи се наметна како еден од најдобрите напаѓачи во второлигашката конкуренција.
26-годишниот Јовановски сезоната ја заврши како трет најдобар стрелец во Втората лига со постигнати 18 погодоци, шест помалку од лидерот на листата Виктор Ангелов од Скопје, кој постигна 24 гола.
За Јовановски ова беше најдобрата сезона во дресот на Новаци, каде што беше еден од клучните играчи во тимот на тренерот Дарко Крстески. Со своите голови и настапи директно придонесе клубот од битолско да обезбеди директен опстанок, што беше и главната цел на сезоната.
Новаци шампионатот го заврши на седмото место на табелата со освоени 51 бод, иако клубот пред почетокот на сезоната беше во ситуација кога можете и да не продолжи со натпреваруавње. Тимот имаше финансиски проблеми и беше доведено во прашање дури и стартот на сезоната, но по влезот на Евротип и Голд Фелиција, ситуацијата во клубот значително се подобри.
Јовановски беше еден од симболите на таа позитивна приказна сезонава, а неговите добри партии не поминаа незабележано. Одличниот напаѓач веќе се наоѓа на радарот на повеќе второлигашки екипи кои внимателно ги следат неговите настапи.
Во својата кариера Јовановски настапуваше и за Црно Буки и Пелистер, додека првите фудбалски чекори ги направи во ЛГ од Битола.
Со 18 погодоци, одлични настапи и статус на еден од најзаслужните за успешната сезона на Новаци, Стефан Јовановски дефинитивно беше едно од најпријатните изненадувања во Втората македонска фудбалска лига оваа сезона.