Младите фудбалери на ГФК Неготино забележаа извонреден успех на меѓународниот турнир IFT Junior Cup, кој се одржа во Сандански, Бугарија. Фудбалската школа настапи со неколку генерации и оствари еден од најдобрите резултати во својата историја на ваков турнир.
Неготинци се натпреваруваа со генерациите 2013/2014, 2015, 2016 и 2018/2019, а турнирот го завршија со импресивен биланс – три освоени први места, едно трето место и дури пет индивидуални награди.
Генерацијата 2013/2014 го освои првото место, а од оваа екипа пристигнаа и две индивидуални признанија. Димитар Филиповски беше прогласен за најдобар одбранбен играч, додека наградата за најдобар играч ја доби Дарио Ставров.

Генерацијата 2015 го освои третото место на турнирот, а признание доби и Алексеј Димов, кој беше прогласен за најдобар голман во својата конкуренција.
Уште една титула освои генерацијата 2016, а индивидуална награда доби Влатко Темелковски кој беше избран за најдобар играч.
До првото место стигна и најмладата генерација 2018/2019, а Максимилијан Апостоловски беше прогласен за најдобар напаѓач на турнирот.

Од клубот истакнаа дека се горди на сите фудбалерчиња кои покажаа голема борбеност, дисциплина и тимски дух, со што достојно го претставија својот клуб на меѓународната сцена. Настапот во Сандански уште еднаш покажа дека во школата на ГФК Неготино се работи посветено со младите категории и дека иднината на клубот е во сигурни раце.