ГФК Охрид Лихнидос ќе има свој претставник во една од најквалитетните регионални eFootball лиги – EPC (eFootball Pro Champions), натпреварување кое го организира Balkan eSports Organization, а чијшто натпревари редовно се пренесуваат во живо на телевизискиот канал Arena eSport.
Лигата се игра во популарниот 3 на 3 мод, со натпревари секој понеделник и петок, а натпреварувањето е поделено на Прва и Втора лига. Во новата, четврта сезона, со поддршка на ГФК Охрид Лихнидос, македонскиот тим ќе настапува во Првата лига каде конкуренцијата е исклучително силна.
Во елитното друштво се наоѓаат некои од најпознатите eFootball екипи од Балканот и Европа, меѓу кои Црвена Звезда, Партизан, ПАОК, Марибор, Будуќност и други клубови со голема традиција и сериозни eSports состави. Во нивните редови настапуваат и дел од најдобрите eFootball играчи во Европа, меѓу кои има и европски и светски шампиони, што ја прави оваа лига една од најсилните во регионот.
До сега единствен македонски претставник во ова натпреварување беше Пелистер, кој имаше солидни настапи, а сега целта на новиот македонски тим е достојно да го претстави ГФК Охрид Лихнидос, но и македонскиот фудбал на оваа голема регионална сцена.
Тимот во новата сезона влегува со сериозни амбиции. Првата цел е пласман во плејоф фазата, а потоа и борба за едно од првите три места на табелата.
Боите на ГФК Охрид Лихнидос во ова натпреварување ќе ги бранат Иван Иванов – државен шампион во eFootball во Македонија и играч кој потекнува од Радовиш, како и Марко Дрињаковиќ, Вук Алексиќ и Милорад Јовичевиќ.
Станува збор за искусни и докажани eFootball играчи кои зад себе имаат бројни настапи и успеси, особено во 3 на 3 модот, што му дава сериозна конкурентност на тимот во пресметките со најсилните екипи во лигата.
Новата сезона во EPC лигата започнува на 16 март од 20:00 часот, а љубителите на eSports ќе можат да ги следат натпреварите во директен пренос на Arena eSport ТВ каналот, како и на нивниот официјален YouTube канал.
Спортска Мрежа ексклузивно ќе ги следи настапите на ГФК Охрид Лихнидос во eFootball лиги – EPC (eFootball Pro Champions).