Дерби возбудувања донесе 22. коло во Првата македонска фудбалска лига. Вардар успеа да освои важни бодови на гостувањето кај Силекс во Кратово, додека во Тетово, Брера Струмица во последните секунди извлече бод против фаворизираната Шкендија.
„Црвено-црните“ славеа минимална победа од 0:1 против Силекс и така ја задржаа лидерската позиција на табелата пред почетокот на третиот круг од шампионатот. Вардар од стартот играше офанзивно и создаде неколку шанси преку Цветковиќ, Велковски и Закариќ, кој ја погоди пречката.
Клучниот момент на натпреварот се случи во 26. минута кога напаѓачот на Силекс, Дарко Додев, заработи втор жолт картон и ги остави домаќините со играч помалку. Набргу потоа, поради бурни реакции кон судијата, на трибините беше испратен и тренерот на кратовчани, Александар Васоски.
Вардар ја искористи бројчаната предност во финишот на првото полувреме. Во 43. минута Стефан Цветковиќ најдобро се снајде во шеснаесетникот и ја испрати топката во мрежата на Џеков за водство од 1:0. Во вториот дел темпото опадна и немаше многу возбудувања, па гостите без поголеми проблеми ја сочуваа предноста до крајот.
Натпреварот го одбележа и незгодната повреда на напаѓачот на Силекс, Ади Алиќ, кој по еден воздушен дуел мораше да биде изнесен од теренот со амбулантно возило.
Во исто време во Тетово се одигра драматичен натпревар меѓу Шкендија и Брера Струмица, кој заврши без победник (1:1). Домашниот тим уште во 16. минута остана со играч помалку откако Имран Фетаи заработи директен црвен картон по интервенција на ВАР.
И покрај тоа, Шкендија успеа да поведе во 33. минута кога Ендрит Красниќи ја затресе мрежата на гостите. Тетовчани долго време го чуваа минималното водство и изгледаше дека ќе стигнат до нови три бода, но Брера не се предаде.
Во петтата минута од судиското надополнување гостите изведоа брза акција, по која Виктор Велкоски со удар со глава го совлада голманот Гаје и донесе голем бод за струмичани.
По ова коло Вардар останува на врвот на табелата со три бода повеќе од Шкендија, која со ремито направи чекор назад во трката за шампионската титула.