На теренот „Ќумурно“ во Битола, во пресрет на квалификацискиот натпревар меѓу женските репрезентации на Македонија и Андора, се одржа првиот фестивал за девојчиња на возраст од 8 до 12 години. Настанот е дел од проектот за развој на женскиот фудбал што го реализира Фудбалската федерација на Македонија со поддршка од ФИФА.
Фестивалот претставува дел од поширока иницијатива чија цел е зголемување на интересот кај најмладите девојчиња за фудбалот и создавање нова база на млади таленти. Настанот во Битола е прв од вкупно десет фестивали кои ќе се организираат во следните две години во повеќе градови низ државата.
На теренот „Ќумурно“ учествуваа околу 50 девојчиња од основните училишта во Битола, кои беа поканети со поддршка на Општина Битола. Во активностите се вклучија и женските фудбалски клубови од градот, како и тренерите од фудбалската академија во Битола. Преку едукативни и забавни фудбалски игри, девојчињата имаа можност поблиску да се запознаат со овој спорт.
На настанот присуствуваа претставникот на ФФМ, Николче Новески, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како и селекторот на женската А репрезентација, Александар Андов. Тие ја истакнаа важноста од организирање вакви активности за развојот и иднината на женскиот фудбал во Македонија.

„Особено ни е драго што денеска во Битола гледаме толку многу насмеани девојчиња кои уживаат во фудбалот. Нашата цел како федерација е да создадеме услови што повеќе девојчиња да се вклучат во спортот, а ваквите фестивали се првиот чекор кон откривање нови таленти и градење посилна иднина за женскиот фудбал во Македонија“, изјави Новески.
Селекторот на женската репрезентација, Андов, потенцираше дека ваквите настани се значајни за создавање нови генерации фудбалерки.
„Кога ќе видите толку многу деца на теренот, веднаш добивате дополнителна мотивација. Токму од вакви фестивали започнува љубовта кон фудбалот. Нашата задача е да им овозможиме патека по која тие девојчиња еден ден можеби ќе стигнат и до националниот дрес“, изјави Андов.
Амбасадор на проектот е македонската фудбалерка Меланија Грозданова, која беше дел од настанот и преку разговор и дружење со девојчињата ги сподели своите искуства, како и можностите што ги нуди фудбалот како спорт.

Посебна мотивација за младите учеснички беше и присуството на фудбалерките од женската А репрезентација на Македонија. Тие активно се вклучија во активностите заедно со девојчињата и испратија силна порака дека со труд, посветеност и љубов кон фудбалот, сонот да се носи националниот дрес може да стане реалност.
Со овој фестивал официјално започнува серијата настани кои во следниот период ќе се организираат низ Македонија, со цел уште поголема промоција и развој на женскиот фудбал.