Младост од Богданци зад себе има историска есен – 12 победи од 12 натпревари, без пораз и со максимален учинок, што ѝ донесе титула есенски шампион во Првата ракометна лига. Под водство на искусниот стратег Горан Андоновски, богданчани се на чекор од директен пласман во Суперлигата, каде место има само за првопласираниот, додека вториот ќе мора да оди во бараж.
Во пресрет на пролетниот дел, во кој Мулти Есенс ќе биде единствениот сериозен конкурент во трката за врвот, Спортска Мрежа направи опширно интервју со тренерот Андоновски, кој отворено зборува за подготовките, ростерот, притисокот, младите таленти и проектот што од Богданци стана пример за цела ракометна Македонија.
За зимските подготовки и сликата од пријателските натпревари
Младост зад себе има интензивен подготвителен период, со силен фокус на физичката подготвеност и тактичките детали, а пријателските средби против суперлигаши беа вистински тест за формата на тимот.
„Зимските подготовки ги започнавме на 12 јануари и работевме „пеколно“ на физички и тактички план секојдневно по два до три пати на ден. Одигравме два подготвителни натпревари со реномирани суперлигаши како Тиквеш и Еурофарм Пелистер 2 и секако дека победите го билдаат рејтингот на Младост иако зборуваме само за пријателски натпревари.“
За ростерот, засилувањата и дали овој тим е подготвен за Суперлига
Иако немаше звучни засилувања во зимскиот преоден рок, Андоновски верува во квалитетот што веќе го поседува Младост, со посебен акцент на младите играчи кои добија шанса во сениорскиот состав.
„Планиравме во преодниот рок да се засилиме со двајца квалитетни играчи со кои многу полесно би стигнале до зацртаната цел, тоа е пласман во Суперлигата, но на крајот управата на клубот одлучи да приклучиме три до четири играчи од кадетскиот тим во сениорскиот тим и со постојниот играчки кадар да продолжиме. Сепак и во моментов во составот имаме одлични играчи како Даниел Андоновски кој е меѓу најперспективните млади леви македонски бекови, искусниот Лазар Адамовиќ, пивотот Жоао Гекас, двајцата бисери од битолската школа Костадиновски и Димитров, како и домашните млади играчи како и им огромен напредок Ѓуриќ, Каркалашев, Младеновски, Атанасов…“
За пролетниот дел, конкуренцијата и притисокот на првото место
Со оглед на тоа што првото место води директно во Суперлигата, а секој кикс може скапо да чини, Андоновски нагласува дека Младост одамна е навикнат да игра под притисок.
„За нас секој натпревар и есента и сега во пролетниот дел е и ќе биде решавачки и ние веќе сме прилагодени да играме под огромен притисок. Сите прволигашки екипи против нас го даваат својот максимум, но сепак барем засега тоа не им е доволно. Мулти Есенс секако дека е наш најголем конкурент, екипа во која е собрано најдоброто од Македонија о младински категории и исто како и Младост знае да победи суперлигашки екипи на пријателски натпревари. Младост и Мулти Есенс негуваат брз, модерен и квалитетен ракомет и двете екипи заслужуваат во моментов Суперлига и се вистинско освежување во македонскиот ракомет.“
За перфектната есен и просторот за напредок
И покрај максималниот учинок, Андоновски потенцира дека секогаш постои простор за подобрување, особено во одредени сегменти од играта.
„Ние тренерите стално се фокусираме да ја спремиме екипата идеално, но секогаш ќе има недостатоци. Во моментов имаме проблеми да ја склопиме и подобриме одбраната, особено по заминувањето на еден играч кој ни беше битен во системот на играта, но се надеваме дека ќе се прилагодиме успешно на новонастанатата ситуација.“

За младите таленти и иднината на клубот
Фокусот на Младост не е само резултатски, туку и развоен, а тоа се гледа и преку одлуката младите од сопствената школа да добијат шанса во сениорскиот тим.
„Самото прекомандување на три до четири играчи од кадетската школа во сениорскиот тим, а истовремено не ангажирање на играчи од страна доволно зборува за фокусот на Младост во иднина.“
За проектот на Младост како пример во македонскиот ракомет
Проектот од Богданци веќе одамна ги надмина локалните рамки и стана пример за тоа како треба да се гради еден стабилен и одржлив ракометен клуб.
„Прво и основно Младост поседува спортска сала која 24 часа е отворена само за ракомет. Во пионерските, кадетските екипи тренираат дечиња, ракометарчиња не само од Богданци, туку од целиот регион – Дојран, Стојаково, Гевгелија… и за сите е организиран превоз, опрема… коментар натамошен е излишен.“
За публиката и ракометната енергија во Богданци
На крајот, Андоновски не ја заборава верната публика, која е силен сојузник на Младост на патот кон елитата.
„Имаме огромна поддршка од градот Богданци, управата на клубот, полната сала. Работиме чесно, одговорно и засега повеќе од успешно да стигнеме до зацртаната цел влез во Суперлигата. Богданци и Младост заслужуваат елитен македонски ракомет и се надевам дека сите заедно ќе се радуваме во мај.“