ИнтервјуМагазинРакомет

ИНТЕРВЈУ I Ројевиќ: „Овој проект е создаден да трае – полна сала, силен тим и јасна визија“

Сподели
ФОТО: ГРК Охрид
Сподели

Полека, но сигурно, ГРК Охрид ја гради својата ракометна приказна со сериозни амбиции и звучни засилувања. Тимот кој веќе во првиот дел од новата сезона, на домашен терен ги совлада актуелниот шампион- Еурофарм Пелистер и Алкалоид, не само што ја покажа својата сила, туку и јасно ја најави целта – да изгради тим за високи дострели и стабилни резултати на долг рок. По силните подготовки и успешно завршениот турнир „Вук Рогановиќ“, охриѓани продолжуваат со темпирање на формата за вториот дел од Супер лигата и за европскиот предизвик, каде што веќе ја изборија историската шанса за пласман во ЕХФ Купот.

Тренерот на охриѓани- Борис Ројевиќ, зад себе носи импозантно тренерско реноме и богато искуство на највисоко ниво. Со РК Војводина оствари континуирани врвни резултати, освојувајќи 10 титули по ред во српското првенство, од кои дури седум под негово водство. Европскиот успех го заокружи со освојувањето на ЕХФ Купот во 2023 година, а неговото тренерско портфолио беше надградено и со ангажманот како в.д. селектор на репрезентацијата на Србија.

Со таков тренер на клупата, РК Охрид јасно ја дефинира својата амбиција – да ја наруши доминацијата на „големата тројка“ во македонскиот ракомет и активно да се вмеша во трката за титулата со РК Вардар 1961, РК Еурофарм Пелистер и РК Алкалоид. Амбициите не завршуваат тука, бидејќи охриѓани веќе обезбедија настап во ЕХФ Купот и во следната сезона, а клупската управа најавува продолжување на проектот со нови звучни ракометни имиња.


Во продолжение,  тренерот Борис Ројевиќ, ексклузивно за Спортска Мрежа, зборува за подготовките, новите играчи и очекувањата од вториот дел од сезоната. На прашањата за тоа како минале подготовките во Србија, колку значат победите на турнирите за самодовербата на тимот, адаптацијата на новите играчи и очекувањата за вториот дел од домашното првенство и европските натпревари, искусниот српски стратег, детално ја опиша моменталната форма и амбициите на екипата.

  • Како сте задоволни од подготовките во Србија и од сработеното во пресрет на вториот дел од сезоната?

„Момците работеа како и секогаш, многу посветено и професионално, и навистина сум задоволен од она што го постигнаа за време на подготовките. По секој период гледам дека играчите напредуваат и тимот добро функционира како целина. Тоа е број еден, најважно за напредокот и резултатите на екипата.“

  • Турнирот „Вук Рогановиќ“ го завршивте со освоен пехар – колку овој успех значи за самодовербата на тимот?

„Сигурно дека освојувањето на ваков силен турнир дава голем импулс за самодовербата на тимот. Тоа не е само пехар, туку потврда дека она на што работиме за време на подготовките, навистина функционира кога се излегува на терен.“

ФОТО: ГРК Охрид
  • Што најмногу добивте, како екипа, од тие натпревари во подготвителниот период?

„Најмногу добивме на воиграност и тимски дух. Воигравме два нови играчи, што дополнително ја зголеми самодовербата на екипата и ни овозможи повеќе опции во системот на игра.“

  • Распоредот за февруари е доста густ, подготвен ли е Охрид за вториот дел од сезоната? Какви се Вашите очекувања од вториот дел од домашното првенство, кој се очекува да биде многу возбудлив и неизвесен?

„Не е лесно да се повтори толку добрата полусезона што ја имавме, но максимално се подготвуваме и се трудиме да продолжиме во ист ритам. Дојавата на нови играчи до некаде ја отежнува транзицијата, но ова е година во која се обликува тимот и се создава база за стабилност. Нашата долгорочна цел е да направиме тим кој ќе функционира повеќе сезони, со промени во играчкиот кадар само во случај на повреда.“

ФОТО: ГРК Охрид
  • Тимот се засили за време на паузата – колку брзо очекувате новите играчи да се вклопат во системот на игра?

„Вклучувањето на новите играчи не е лесно и бара време — обично од еден до три месеци за играчот целосно да се воигра и да влезе во системот на тимот, и да може да даде сè што му е потребно за максимален ефект.“

  • За брзо, веќе од наредниот викенд, следува и двомечот во ЕХФ Купот со Дукла Прага – колку го познавате противникот и со какви очекувања влегувате во европскиот предизвик? Што мислите дека ќе биде клучно за добар резултат?

„Дукла Прага е квалитетен тим со голема традиција. Се надеваме на пласман понатаму, иако противникот е многу сериозен. Тие имаат три членови на чешката репрезентација и тренер кој води и национален тим, а нивниот најдобар играч, Јонас, постигна 25 голови на три натпревари, на неодамна завршеното Европско првенство.“

ФОТО: ГРК Охрид

Со сериозни подготовки, воиграност на тимот и нови засилувања, ГРК Охрид е подготвен за возбудливото продолжение на Суперлигата. По силните импулси од освоениот турнир „Вук Рогановиќ“ и со европски предизвик против квалитетен противник како Дукла Прага, охридската „ракометна тврдина“ најавува уште повозбудливи моменти и борба за висок пласман во домашното и европското натпреварување.

Сето тоа добива уште поголема тежина со поддршката што Охрид ја живее со својот клуб. Полна сала, емоции, аплаузи и гласна поддршка од „Рибарите“ и сите љубители на ракометот – „Билјанини извори“ сè почесто е вистинска ракометна тврдина. Со град кој стои зад екипата и тим што враќа со борба и резултати, ГРК Охрид не гради само резултатска серија, туку заедничка спортска приказна што носи гордост, емоција и вера дека најдоброто допрва доаѓа.


Сподели
Напишано од
Сања Секулоска -

Сања Секулоска е спортска новинарка во Спортска Мрежа. Секулоска по професија е магистер на економски науки, која започнува од хоби кон новинарството конкретно во ракометот. Секулоска го следи и европскиот ракомет.

Не пропуштајте

Втора лигаФудбал

На „Билјанини Извори“ ќе биде одиграна „генералката“ на Охрид и Новаци

Во сабота на стадионот „Билјанини Извори“ ќе се одигра пријателски натпревар меѓу второлигашите Охрид и Новаци, кој ќе послужи како последна проверка на...

РепрезентацијаФудбалска репрезентација

Македонија ги доби ривалите во дебито во Лига Б од Лигата на нации- еве против кого ќе игра нашата селекција

Македонската машка фудбалска А репрезентација ги доби противниците за својот прв настап во Б дивизијата од Лигата на нациите. Нашата селекција ќе игра...

Поврзани написи
Ракомет

Ново десно крило за „црвено-црните“ – Воркапиќ пристигнува порано од планираното

Македонскиот вицепрвак Вардар го засилува ростерот со српското десно крило- Вукашин Воркапиќ....

Ракомет

Тинекс Пролет ги испрати во „пензија“ Мајнов и Даскалоски

Раководството на Тинекс Пролет приреди убав гест пред почетокот на дуелот со...

Ракомет

ФОТО: Шампионот Еурофарм Пелистер како на тренинг против „фенерџијата“ Радовиш

Еурофарм Пелистер продолжува сигурно во пролетниот дел од Суперлигата, откако на гостувањето...

Ракомет

Струга не се предаде во Скопје: Бод со вкус на победа во драмата со Пролет

Во возбудлив натпревар од 20. коло во ракометната Суперлига, Пролет и Струга...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!