Третолигашот Овче Поле од Свети Николе денес ги започна подготовките за новата сезона во Трета лига – Исток со нов тренер.
Тимот од Свети Николе прави промени со кои најавува атак на првото место кое води кон баражот за можен пласман во Втората лига, а за таа цел промени има најпрво на тренерското столче – доаѓа Јорданчо Трендафилов, кој досега беше капитен на Овче Поле.
Досегашниот прв тренер Тони Серафимов останува да работи во стручниот штаб во сениорската екипа и како тренер во младинските категории.
Промени има во костурот на тимот, а за таа цел се договорени квалитетни и искусни имиња со што значително е подигнат квалитетот во Овче Поле. Промовирани се Тоше Манов, Саше Соколов, Андреј Арсовски, Дени Андонов, Емил Рунчевски, Ѓорѓи Султанов и Никола Стојковиќ.
Манов е искусен напаѓач кој доаѓа од редовите на второлигашот Осогово, а низ својата кариера 29-годишниот фудбалер од Кочани настапуваше и за Македонија ЃП и Силекс од каде и ја започна својата кариера.
Стојанче Костадиновски ја засилува средина, доаѓа Вардарски, екипа која лани испадна од Втора во Трета лига – Исток.
Соколов ја засилува одбраната на тимот од Свети Николе, 28-годишникот доаѓа од третолигашот Карбинци, а всушност е повратник во Овче Поле бидејќи настапуваше за овој клуб од февруари 2020 до август 2022 година, беше дел од Сењак – Дузлак, Кежовица, Слога од Виница, Брегалница и 1-ви Мај од Балван. Соколов има и меѓународно искуство, една година настапуваше за Писторф од Австрија.
Арсовски го засилува голот на Овче Поле, а доаѓа од штипска Брегалница, а станува збор за 19-годишен голман.
29-годишниот Андонов ја засилува одбраната на Овче Поле, а пристигна од редовите на делчевска Брегалница, во минатото исто така го носеше дресот на Овче Поле, а беше дел од Детонит Плачковица, Плачковица, Кит Го од Пехчево, Работник Џумајлија, Баби и Брегалница од Штип од каде и ги прави своите фудбалски чекори.

Овче Поле одбраната исто така ја засилува и со Емил Рунчевски, фудбалер кој исто така доаѓа од Брегалница Делчево, а 30-годишниот штипјанец низ својата кариера на трипати го носеше дресот на Овче Поле, беше дел и од Детонит Плачковица, Кежовица, Каменица Саса, Баби и неговата матична Брегалница од Штип.
31-годишниот Султанов го засилува нападот на Овче Поле, тој досега настапуваше за КМФ Овче Поле и важеше за одличен голгетер, а во пакет со него доаѓа и 25-годишниот Стојковиќ кој ја засилува одбраната на Овче Поле, а беше дел и од Работник Џумајлија и Петровец.
Новата сезона ќе започне на 7 септември, а во следниот период ќе биде одржана и ждрепката со што ќе бидат познати двојките за првото воведно коло, но и за целата сезона.