ФудбалФудбал - Прва женска лига

ЖФК Тиверија со убедлив триумф во дербито со ЖФК Скопје, ЖФК Деспина Прилеп и ЖФК Каменица Саса се „распукаа“ за убедливи победи

Викендот стартуваше пролетната полусезона од Првата женска фудбалска лига со натпревари од 16. коло.

Дербито на колото се играше во Струмица, каде ЖФК Тиверија со убедливи 3:0 го доби ЖФК Скопје. ЖФК Тиверија победата ја најави со рано водство, откако во 10. минута Николовска Теодора ја погоди противничката мрежа, а пет минути подоцна Ѓорѓиева Слаѓана зголеми на 2:0. Одличната игра и доминацијата на теренот во Струмица продолжи и веќе во 38. минута ЖФК Тиверија имаше високо водство од 3:0 со гол на Панеска Билјана. Во вториот дел мрежите мируваа и останаа оние 3:0 од првиот дел.

Засилениот и амбициознен ЖФК Љуботен потешко од очекуваното го доби натпреварот со ЖФК Топ Гол, кој заврши со минимална победа од 1:0 за домаќинот. Погодокот падна доцна, односно во 87. минута, а стрелец беше новото засилување од Србија, Миловановиќ Анѓела.

ЖФК Шкендија со минимални 1:0 го доби дуелот со АС Јунајтед од Струга. Стрелец на единствениот гол во 45. минута беше Мустафа Хава.

ЖФК Шкендија – ЖФК АС Јунајтед

ЖФК Деспина Прилеп на домашен терен пред се со помлади фудбалерки и без неколку стандарни првотимки со 8:0 ја декласираше ЖФК Плачковица од Радовиш . Резултатот беше отворен во 8. минута со гол на Ѓорѓиоска Блажеска Јована. Во 17. минута Стојковска Ангела зголеми на 2:0, а десет минути подоцна постигна уште еден гол за 3:0. Во 33. минута беше досуден пенал за домашната екипа, а капитенката Милеска Катерина успешно реализираше за 4:0 на полувреме. Во вториот дел домашната екипа продолжи со тоталната доминација. Во 54. минута Евтинџиоска Сара погоди за 5:0, а Стојкоска Ангела до крајот на натпреварот постигна нови три погодоци за конечни 8:0.

ЖФК Деспина Прилеп – екипа (после натпреварот со ЖФК Плачковица)

Лидерот и актуелен шампион ЖФК Каменица Саса немаше милост кон „фенерџијата“ Кочани и со 18:0 го „уништи“ на домашен терен. Потребни беа само девет минути игра за Нацева Марјана да постигна хет-трик и водство на шампионот од 3:0. Маринкоска Анастасија во 14. минута стрелаше за 4:0, а веднаш Маринковска Стефанија погоди за 5:0. Следуваа нови два гола на Нацева за 7:0 до 35. минута од натпреварот. Нов гол постигна и Маринковска Стефанија за 8:0 на полувреме. На стартот од второто полувреме Нацева постигна два нови гола за 10:0. Во 57. минута Георгиева Моника беше прецизна за 11:0, а веднаш потоа беа постигнати уште два брзи гола, а стрелци на истите беа Маринковска Стефанија и Николовска Павлинка. За 14:0 погоди Талевска Мила, потоа Николовска Павлинка стрелаше за 15:0, нов гол постигна и Талевска Мила за 16:0. За 17:0 стрелаше повторно Маринковска Стефанија, а конечните 18:0 ги постави Николовска Павлинка.

ЖФК СЦ Истатов без многу проблеми дојде до убедлива победа од 0:4 над ЖФК Атлетико на гостински терен. Резултатот беше отворен во 38. минута со гол на Хусеин Сара. Во вториот дел гостите од Дојран веднаш зголемија на 0:2 со гол на Чонева Радица. Во 63. минута Милчевска Ана погоди за 0:3, а седум минути подоцна Петрушевска Кристина ги постави конечните 0:4.

Во Велес домаќинот ЖФК Борец славеше со убедливи 5:1 над ЖФК Шкупи. Први до рано водство дојдоа гостите со гол на Селман Рудина во 9. минута. Домаќинот веднаш започна со притисок за брзо израмнување кое се случи во 18. минута со гол на Шемсовиќ Елма. Пет минути подоцна Стојчева Ивона погоди за водство на домаќините од 2:1. Трипчевска Драна стрелаше за 3:1 на полувреме. Во вториот дел ЖФК Борец продолжи со одличната игра и во 55. минута Кицара Џенита погоди за 4:1, а Јавашева Ана ги постави конечните 5:1.

Лидер на табелата е ЖФК Каменица Саса со 42 бодови, четири помалку има ЖФК Тиверија која е втора, додека на третото место е ЖФК Деспина Прилеп со 37 бодови. На делба на четвртото место се екипите на ЖФК Скопје и ЖФК АС Јунајтед со по 34 бодови. На дното од табелата остануваат ЖФК Кочани без бодови и ЖФК Плачковица со само три освоени бодови.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!