ЖФК Деспина од Прилеп ги започна подготовките во поход по шампионска и Куп-титула!

Женскиот фудбалски клуб Деспина од Прилеп во саботата ги започна подготовките за пролетниот дел од Првата женска фудбалска лига.
Планот е клубот да тренира во Прилеп до почеток на првенството, кое започнува на 27. февруари, а Деспина пролетниот дел ќе го отвори на домашен терен против радовишка Плачковица.
„Костурот“ на екипата останува ист, освен без Драгана Костова, за која ќе има соодветна замена. По паузата во есенскиот дел во екипата се враќа репрезентативката Јована Ѓорѓиоска која ќе биде вистинско освежување за пролетните предизвици.
„Со максимално залагање и посветеност желни за игра и гладни за нови победи и успеси ќе ги нападнеме двете натпреварувања во кои учествуваме, првенството и купот, нашето мото е да бидиме подобри од предходно, ние тоа го сакаме и можеме“, велат од клубот.
ЖФК Деспина заврши на третото место на табелата во ПЖФЛ со 34 бодови, пет помалку од лидерот Каменица Саса.