Женскиот првак и есенски шампион Саса добива две репрезентативни засилувања за пролетниот дел

Актуелниот женски фудбалски првак и есенски шампион Каменица Саса за пролетниот дел ќе се засили со две репрезентативки, дознава Спортска Мрежа. Од клубот ни изјавија дека за пролетниот дел од сезоната во Македонска Каменица доаѓаат две репрезентативни засилувања, а сите останати фудбалерки се договорени за следните две сезони.
„И покрај тоа што имаме одличен тим и сме есенски шампиони, ќе имаме две нови засилувања. Едно од засилувањето ќе биде искусна фудбалерка, наша репрезентативка која игра во средниот ред, веќе имаме усен договор и очекуваме до крајот на неделата да потпише договор на две ипол години. Второто засилување ќе биде на голманската позиција, исто имаме усен договор, но таа ќе започне со нас над 15 јануари. Голманката, исто така е наша репрезентативка. Сите фудбалерки што се со нас моментално имаат потпишано нови договори за наредните две години, нема да имаме фудбалерки што ќе не напуштат“, велат од ЖФК Саса.

Клубот подготвителниот период за пролетниот дел од сезоната ќе го започне на 15 јануари и во план е да одигра 4 до 5 пријателски натпревари, од кој едниот ќе биде меѓународен.
„Подготовките ќе започнат на 15 јануари, ќе се подготвуваме во Македоска Каменица каде што имаме одлични услови, два терена, сала и теретана. Во план сме да одиграме 4 до 5 пријателски натпревари од кои едниот ќе биде меѓународен со екипата на Пирин Ладиес од Благоевград, Бугарија“, ни изјавија од клубот.

Актуелниот шампион очекува интересна и возбудлива пролет, а тие максимално мотивирани ќе го покажат најдоброто.
„Очекуваме пролетната полусезона да биде интересна и возбудлива, ние ќе бидеме максимално подготвени и мотивирани да го покажеме најдоброто од нас. Се надеваме и пролетниот дел да бидеме на високо ниво и да ја постигнеме нашата цел – шампиони“, додаваат од актуелниот македонски женски првак.

Саса како шампион од претходната прекината сезона за прв пат во историјата на клубот доби шанса за настап на евро-сцената, каде играше квалификации за женската фудбалска Лига на шампиони. Клубот од Каменица Саса беше елиминиран од бугарска НСА Софија со 3:1.