Заврши декемврискиот подготвителен циклус за македонските одбојкарки, на ред се пријателски натпревари

Македонските одбојкарски репрезентативки до 19 години ја реализираа декемвриската акција во рамки на подготовките за Европското првенство во 2022-ра. Селекторот Ненад Михајловиќ во Берово тренираше со 24 девојки од генерацијата 2004-та и помлади, а 18 од нив ќе бидат дел од националниот состав којшто во јануари ќе патува во Белград и ќе игра пријателски натпревари со неколку српски екипи.
„Заокруживме нов циклус, одлично работевме, задоволен сум од мотивацијата кај сите. Добро е што во овие тешки времиња минавме уште еден план за подготовките и тоа квалитетно. Избравме 18 репрезентативки коишто ќе патуваат во Белград во периодот од 2-15 јануари, го скративме списокот, имаше емоции, но во некоја фаза од подотвките мора да се носат и вакви одлуки“, вели селекторот Михајловиќ притоа потенцирајќи дека вратата не е затворена за ниту една одбојкарка.
„Според нас, во овој момент овие се најперспективните девојки, но тоа не значи дека списокот е скратен и затворен. Напротив, подоцна повторно ќе ги тестираме сите, ќе ги следиме, се разбира дека ќе ги повикаме, така што можно е да има промени во зависност од напредокот кај секоја одбојкарка поединечно. Тоа значи дека ништо не е готово“, објаснува Михајловиќ чија наредна цел е да ги провери одбојкарките на натпревар, а не на тренинзи како како досега.
На списокот за пријателските натпревари во Белград на почетокот на наредната година се 18 одбојкарки: Теодора Шукулоска и Михаела Цветановска (техничарки), Надица Антеска и Зорана Станковска (либера), Мери Бошковска, Анастасија Ристевска (коректорки), Ива Чадиковска (коректорка/примачка дијагонала), Ана Јаничиќ, Добрина Хаџи Тосева, Мила Вакувска,Тинка Недева, Стефани Најдановска, Анастасија Овнарска (примачка дијагонала), Марија Василевска, Катерина Чочовска, Меланија Карајлиоска, Ива Стојкоска, Марија Пакетова (средни блокерки). Доколку има повреди или несакани околности, стручниот штаб може да повика некои од преостанатите репрезентативки.