РакометРакомет - Суперлига

Вујовиќ нов тренер, еве како ќе изгледа Вардар следната сезона!

Веселин Вујовиќ од следната сезона ќе биде тренер на Вардар1961, што е негово трето враќање во семејството на „црвено-црните”. Претседателот на клубот, Михајло Михајловски официјално го претстави новиот тренер кој во јули ќе ги почне подготовките за новата сезона.

Вујовиќ беше на клупата на Вардар првпат од 2006 до 2009 година,а потоа и од 2011 до 2013 година. Со него екипата на Вардар ја освои првата титула во СЕХА лигата во 2012 година, а откако си замина година подоцна работеше на неколку места.

Својата тренерска кариера ја почна во 1995 година во тимот на Металопластика. После четири години во 1999/2000 беше на клупата на Партизан и на селекторската позиција на СР Југославија. Од 2000 до 2003 година го предводеше Сиудад Реал, а во следните три години беше селектор на Србија и Црна Гора. Во 2006 година откако го заврши мандатот во репрезентацијата дојде во Вардар и работепе три години. Во меѓувреме во 2007 година беше и селектор на Македонија и тоа и на сениорската и на младинската репрезентација.

После заминувањето од Вардар, Вујовиќ беше на клупата на Ал Сад во 2010 година, а потоа во 2011 година одново се врати во Вардар и остана две сезони. Во 2013 година се пресели во Ал Шабаб, а после една година работа таму се врати во Европа и го презеде тимот на Загреб. Во овој тим работеше до 2016 година, а во 2015 година стана и селектор на Словенија и една година ги извршуваше двете функции.

Во сезоната 2017/18 го преводеше Копер, а потоа следната сезона се најде на клупата на Железничар од Ниш со кој гостуваше и на турнирот во Струга. Во 2019/20 беше одново тренер на Загреб, а во последните неколку месеци беше наклупата на Борац од Бања Лука.

Со доаѓањето на Вујовиќ, Вардар по третпат ќе соработува со искусниот стратег, па останува да се види какви ќе бидат сега резултатите. Од претходно покрај трофејот во СЕХА има и три титули во првенството во 2006/07, 2008/09 и 2012/13, како и три во Купот на Македонија освоени во 2007, 2008 и 2012 година.

“Ова е моја трета етапа во Вардар и се надевам дека ќе биде успешна како и претходните. Се случуваа сјајни работи со Вардар откако змаинав, контактот не се промени, јас секогаш бев тука. Вардар два пати стана европски првак, стана бренд во Европа, клуб што сите го знаат во Европа. Почестен сум што пак јас ќе бидам тренер на Вардар. Кога го имавме првиот контакт, кога размислуваме, јасно ни беше дека Вардар не е како претходно со истиот силен состав, но можеме да направиме хомоген состав од млади играчи од Македонија и квалитетни странци да направиме добар резултат. Целите на Михајловски секогаш се повисоки од објективните, а јас како тренер секогаш сакам повеќе од зацртаното. Ги гледав младите од Работнички и кадетите од Вардар. Ќе имам состанок со сите млади ракометари, ќе им кажам што очекуваме од нив, мислам дека не треба да се носат по секоја цена странци. Се надевам дека пандемијата ќе заврши и ќе се врати публиката на терен. Вардар преживеа една тешка ситуација, Михајловски го стабилизира и се надевам дека сега ќе се движи на вистински пат. Мојот камбек во Македонија е враќање како дома, едвај чекам да почнат подготовките, а сите останати работи ќе ги решаваме тековно”, вели Вујовиќ.

Претседателот на Вардар, Михајло Михајловски, го соопшти ростерот на тимот за следната сезона. Тој се уште не е затворен, во меѓувреме ќе има уште неколку нови засилувања, кои ќе ги пополнат дефицитарните позиции.

Состав на РК Вардар 1961 за сезона 2021/22

Голмани:
* Борко Ристовски (бивши стандарден репрезентативец на Македонија),
* Мартин Томовски (стандарден репрезентативец на Македонија),
* Васил Гогов (репрезентативец на Македонија на поширок список),
* Али Сафар (најдобар голман во Азискиот клупски шампионат).

Леви крила:
* Тимур Дибиров (стандарден репрезентативец на Русија),
* Јан Чувара (стандарден Полски репрезентативец),
* Димитар Димитриоски (репрезентативец на Македонија на поширок список)

Десни крила:
* Гоце Георгиевски (стандарден репрезентативец на Македонија),
* Дарко Ѓукиќ (стандарден Српски репрезентативец, доаѓа од екипата на Спортинг од Португалија),
* Ален Ќосевски

Пивоти:
* Стојанче Стоилов (стандарден репрезентативец на Македонија и капитен на екипата),
* Патрик Валчак (стандарден Полски репрезентативец),
* Џереми Тото (Французин, доаѓа од екипата на Висла Плок од Полска)
* Стефан Атанасовски

Леви бекови:
* Филип Талески (стандарден репрезентативец на Македонија),
* Марко Мишевски (стандарден репрезентативец на Македонија),
* Анте Кудуз (репрезентативец на Хрватска во поширок состав, доаѓа од екипата на Динамо Букурешт од Романија)

Средни бекови:
* Анте Гаџа (стандарден репрезентативец на Хрватска),
* Мартин Карапалевски (репрезентативец на Македонија на поширок список),
* Стефан Крстевски

Десни бекови:
* Едуардо Гурбиндо (стандарден репрезентативец на Шпанија),
* Томислав Јагуриновски (репрезентативец на Македонија на поширок список),
* Давид Савревски

Reklama

Поврзани Наслови

Следен Наслов:
Close
Back to top button
error: Текстот е заштитен !!