Воска остана непоразена во финишот, Јашароски погоди за реми против Гостивар

Дербито на колото во Втората македонска фудбалска лига заврши без победник со четири погодоци, откако Гостивар и Воска Спорт го поделија „пленот“ играјќи 2:2. Воска Спорт останува и понатаму непоразен лидер во второлигашкото друштво.
Гостите од Охрид први го отворија резултатот за водство од 0:1 со голот на Ардит Демири во 16. минута од мечот. Во судиското надополнување на првиот дел Антониот Каланоски погоди за 1:1 на полувреме.
Во вториот дел Емран Рамадани во 78. минута погоди за пресврт и водство на Гостивар од 2:1. Само шест минути подоцна Ален Јашароски се покажа како кобен за Гостивар, откако во 84. минута ја стресе мрежата на Бурхан Мустафа за конечни 2:2 и делба на „пленот“.
Колото ќе биде комплетирано утре со одигрување на останатите седум второлигашки натпревари.