ФудбалФудбал - ВТОРА ЛИГА

ВМФЛ-Запад: Силекс и Вардар први конкуренти за влез во елитата, Воска, Охрид и Велешта во борба за врвот

Втората македонска фудбалска лига – Запад во новата сезона ќе понуди навистина голема конкуренција и голема неизвеност можеби до последното коло за врвот и влез во Првата лига. Битката за врвот воглавно ќе се води меѓу Силекс и Вардар кои лани испаднаа од елитата, а во сенка сериозно ќе напаѓаат Воска Спорт, Охрид и Велешта.

Силекс во новата сезона ќе биде предводен од Горазд Михајлов, кратовчани летово имаа и европска турнеја со настапите во квалификации од Конференциската лига на УЕФА. Актуелниот Куп-освојувач за новата сезона има изградено квалитетен тим, па тоа го прави Силекс да биде можеби и прв фаворит на Западот.

Во битката за експресно враќање во елитата ќе биде и нашиот најтрофеен клуб Вардар кој за првпат во својата историја ќе игра во Втората македонска фудбалска лига. Вардар неколку сезони е во сериозни проблеми пред се финансиски, а сезонава како да се стави крај на овој проблем бидејќи клубот доби нов сопственик, компанијата „Блу Скај“ на Слободан Крстевски е на чело на клубот. Вардар го ангажираше Горан Симов за тренер кој го водеше Силекс минатата сезона и со кого го освои Купот на Македонија.

Воска Спорт, Охрид и Велешта ќе ги поматат сметките за врвот, не се исклучува можноста и за некое посериозно изненадување од овие клубови, особено од Воска Спорт која во летниот трансфер период беше најактивен клуб во Македонија. Клубот од „Грашница“ кој минатата сезона беше шампион во Третата лига – Југозапад без ниту еден пораз во новата сезона ќе биде воден од искусниот Раде Цицмиловиќ кој ќе има конкурентен тим на располагање.

Без поголеми проблем за опстанок треба да биде екипата на Гостивар, како и Тетекс кој има најавено амбиции за сигурен опстанок, а тука влегуваат и Кадино кој минатата сезона забележа солидни резултати, како Кораби и новиот второлигаш Беса Добри Дол кој минатата сезона беше шампион во Третата лига – Запад.

Новата сезона во ВМФЛ – Запад ќе биде отворена денес со натпреварите од 1. коло кое ќе стартува во 16:00 часот.

Вардар борбата за враќање во елитата ќе ја стартува во Дебар против Кораби, Кадино на домашен терен ќе игра против фаворитот Силекс, Гостивар на домашен терен ќе има тежок дуел против Воска Спорт, Охрид ќе биде домаќин на новајлијата Беса Добри Дол, додека пак Тетекс во Тетово ќе ги одмери силите со Велешта.

Поврзани Наслови

Следен Наслов:
Close
Back to top button
error: Текстот е заштитен !!