(ВИДЕО) Васоски: Академија Пандев има добра перспектива, долгорочно се гледам тука!

Александар Васоски од вчера е нов тренер на Академија Пандев. Пополарниот „тетовче“ се запозна со условите кои клубот ги нуди и беа финализирани наредните чекори кои ќе се преземат за клубот да се подигне на уште повисоко ниво.
Заедно со Васоски, доаѓаат и Раденко Бојовиќ како прв асистент и Тони Богдановски како кондиционен тренер.
„Академија Пандев ги има најдобрите услови за работа заедно со Вардар во земјава. Ова за мене е нов предизвик и се радувам што сум дел од приказната на Академија Пандев. Тимот има добра перспектива. Долгорочно се гледам тука и се надевам дека мојот концепт на работа ќе биде прифатен и ќе имаме заеднички успеси“, изјави Васоски за ВИС ТВ.
Веќе се знае и програмата за зимските припреми. Прозивката е на 8-ми јануари во Струмица, каде ќе се одработи и првиот дел од припремите. На 20-ти јануари се заминува на двонеделни припреми во Анталија – Турција, каде се планирани и неколку пријателски натпревари.