(ВИДЕО) Осогово постави видео бим пред стадионот со цел фановите да го следат мечот со Росоман, како и останатите домашни натпревари

Во Македонија, во Втора лига, фановите својот клуб може да го следат на видео бим поставен пред стадионот. Ова го може само Осогово, клуб кој уште еднаш им одржа лекција на прволигашите.
Раководстовото на Осогово во соработка со најголемата компанија за озвучување и организација на настани „Алфа Саунд“ постави видео бим пред Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани, со што фановите на кочанскиот второлигаш ќе може да го следат нивниот клуб, бидејќи поради мерките и протоколите за заштита од Ковид-19 фудбалските натпревари сè уште се играат пред празни трибини.
Видео бимот денес беше поставен за натпреварот со Росоман, каде навивачи имаа можност да го следат натпреварот од 19. коло од Втората лига – Исток, во којшто натпревар Осогово со 4:1 беше подобар од противникот.
Од Осогово за Спортска Мрежа велат дека и во иднина сите натпревари коишто клубот ќе ги игра на домашен терен, ќе може да се следат на видео бимот.
Како изгледаше денешниот натпревар на видео бимот можете да погледнете и сами, а ние можеме да кажеме едно големо браво за клубот којшто дефинитивно прави потези како да игра во некоја од топ 5 европските лиги.