ВИДЕО: Братство пак ја тресна Саса, Беласица убедлива против Локомотива, реми за Слога 1934 Виница и Победа

Екипата на Братство од Житоше приреди уште едно изненадување откако среде Македонска Каменица триумфираше минимално (0:1) над Каменица Саса со погодокот на Соте Андреески за многу важен триумф во битката за опстанок. Братство по втор пат во тековната сезона ја совладува екипата на Саса.
Квалитетот на Братство од есенската полусезона е на повисоко ниво, а директорот на клубот, Ерол Абдиу ги погоди новите 11 засилувања кои се покажаа како полн погодок за пролетните предизвици и опстанокот во Втората лига.
- Погледнете го славјето од соблекувалната на Братство:
Осогово забележа многу важен триумф кога е во прашање опстанокот во Втората лига – Исток, откако со минимални 0:1 триумфираше на Градскиот стадион во Штип над екипата на Пехчево. Победничкиот погодок вреден три златни бодови го постигна Тоше Манов во 67. минута.
Слога 1934 Виница се „сопна“ на тешкото гостување во Гевгелија каде ремизираше (1:1) против Кожуф. Гостите од Виница преку Аднреј Симевски дојдоа први до водство во 55. минута, а пак домаќините преку Христијан Бејков во 80. минута дојдоа до конечните 1:1 и многу вреден бод за директен опстанок.
Лидерот Победа киксна во Радовиш каде одигра само 0:0 против Детонит. Прилепчани остануваат на врвот од табелата, откако и Слога 1934 Виница киксна во Гевгелија, а пак момците на Илија Сасански дојдоа до многу многу важен бод кога е во прашање директниот опстанок.
Беласица немаше милост кон „фенерџијата“ Локомотива и со шест погодоци ја испрати во Локомотива, откако струмичани со убедливи 6:0 беа далеку подобар противник. Беласица го искористи киксот на Саса и се проби кон третото место на табелата, и направи сериозен чекор кон превземање на врвот каде водечките Победа и Слога 1934 Виница имаат само два бода повеќе.
Димитар Трајков постигна хет-трик на натпреварот, а во листата на стрелци со по еден погодок се запишаа и младиот голгетер Васил Крстев, Спасе Терзиев и Стефан Сулев.
