(ВИДЕО) Бабиќ: Навистина сум среќен што сум дел од Еурофарм Пелистер!

Битолски Еурофарм Пелистер и тренерот Жељко Бабиќ денес потпишаа нов договор со важност до јуни 2024 година. Клубот и хрватскиот тренер се на иста бранова должина и заеднички ќе ја продолжат надградбата на проектот.
48-годишниот Бабиќ дојде во Битола во првите денови од 2020 година и ја водеше екипата во прекинатата сезона заради коронавирусот и во првиот дел од тековната сезона, во која битолскиот клуб одигра шест официјални натпревари.
„Уште на почетокот на нашиот разговор со професорот Стерјев, ја планиравме иднината и уште тогаш сакавме договор на подолг период. Уште тогаш бевме многу професионални и си дадовме време да видиме како ќе се снајдам во новата средина и клубот да ги види моите спосособности и дали со мојот профил одговарам за оваа средина. Јас сум задоволен од тоа како напредуваме и во организациска и во професионална смисла. Клубот е задоволен со мојот пристап кон работата и професионалноста. Радосен сум што сум дека од семејството Еурофарм Пелистер и сите ќе дадеме максимум за еден ден да го подигнеме тој пехар кој силно го посакуваме. За тоа е потребен процес, време и квалитетни одлуки. Некогаш во шега велам дека ќе останам во Битола се додека не го освоиме пехарот во националното првенство. Сакаме да имаме што е можно повеќе македонски репрезентативци и кога ќе игра македонската селекција да се исповетуваме со неа. Само така ќе го подигнеме квалитетот на клубот. Спојот на домашни репрезентативци и добро селекционирани и бирани странски ракометари се добитна комбинација. Само прашање на време е кога тоа ќе се оствари, но клубот веќе сега остварува големи успеси“, вели Жељко Бабиќ.
„Веќе некој период разговаравме со тренерот. Тој ја придоби нашата доверба, има јасна визија и пат по кој треба да се движиме и со неговото искуство од претходните клубови, доста ни помага и во градењето во оваа фаза на раст во која се наоѓа Еурофарм Пелистер. Имаме јасна стратегија и стабилизарање на целиот проект, па се надевам дека во овие три години ќе стигнеме до големи цели“, спортскиот директор на Еурофарм Пелистер, Димитар Митревски