ФудбалФудбал - ПРВА ЛИГА

Васоски останува тренер на Академија Пандев, управата не ја прифати оставката

Александар Васоски останува тренер на Академија Пандев, откако неговата оставка не беше прифатена од страна на управата на клубот.

Васоски по вчерашниот пораз од Работнички (0:2) во Струмица, ја прифати одговорноста за лошите резултати и си поднесе оставка, но, истата, денес не беше прифатена од страна на раководството на струмичкиот прволигаш.

Васоски е повратник на клупата на „пандевци“, но по неговиот кам-бек струмичкиот прволигаш не игра според посакуваното, па се наоѓаат во зоната за опстанок во прволигашкото друштво.

Академија Пандев нема триумф на последните пет натпревари во ПМФЛ, а во Купот ги исфрлија второлигашот Тетекс и третолигашот Љуботен и закажаа четвртфинале против Македонија Ѓорче Петров.

Од таборот на Академија Пандев веруваат дека Васоски ќе го врати клубот на победничките патеки.

„На денешниот состанок на Управниот Одбор на клубот, беше разгледена понудената оставка од страна на Шефот на стручниот штаб на сениорскиот тим – Александар Васоски. Сакаме да ја информираме јавноста дека понудената оставка НЕ Е ПРИФАТЕНА. Управниот Одбор смета дека Александар Васоски е еден од најдобрите тренери во Македонија и дека тоа и ќе го докаже во наредниот период. Дадена му е целосна поддршка во сите одлуки кои смета да ги спроведе во иднина, за враќање на победничките патеки. Во минатото клубот се соочуваше и со подолги резултатски кризи, но на крај секогаш преку единство и сплотеност доаѓаше до остварување на зацртаните цели, затоа сметаме дека прифаќањето на оставката не е правото решение“, велат од Академија Пандев.

Академија Пандев е на претпоследното место со осум освоени бодови, односно се наоѓа во бараж зоната за опстанок, а во следното коло ќе гостува во Тетово кај Шкендија.

„Пандевци“ ќе мора многу брзо да се вратат на победничките патеки, бидејќи во спротивно ги очекува тешка борба за опстанок во прволигашкото друштво.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!