Вардарки го добија дербито со Јанта Волеј и ќе одат на зимска пауза со максимален ефект

Одбојкарките на Вардар Жени 2019 славеа над Јанта Волеј Кисела Вода со 3:0 (25:19, 25:22 и 25:21) во дербито на двете непоразени екипи до меѓусебниот дуел од второто коло во елитната Втора фаза -1 во женскиот македонски одбојкарски шампионат. „Црвено-црните“ грешеа помалку, имаа помоќен напад, а поефикасниот директен блок на ривалките го надополнија со подобар сервис, па во сите три сета беа за нијанса напред и ја задржаа концентрацијата во решавачките периоди. Кубанката Агуеро беше најефикасна со 18 поени, сите од напад, а одлична поддршка и беа Славкова со осум (шест од напад и по еден блок и ас), како и Георгиевска со седум (пет од напад и два аса). Кај Јанта Волеј Кисела Вода, Проковиќ беше двоцифрена со десет поени (седум од напад, два блока и еден ас), а по осум поени заработија Серафимова (сите од акција) и Маројевиќ (седум од напад и еден ас), но тоа не беше доволно да го спречат првиот сезонски пораз.
Во паузата до февруари кога дамите ќе продолжат да се натпреваруваат за првите четири позиции во Втората фаза – 1, а со тоа и за полуфиналето во разигрувањето, Вардар ќе ужива на првото место со максимални осум победи без загубен сет, а Јанта Волеј Кисела Вода ќе одмора како третопласиран со биланс 7-1. Идентичен настап досега имаше и составот на Работнички Скопје, но освои три бода повеќе, така што ќе биде најблиску до водечкиот тим во Првата лига – Вардар Жени 2019.