ФудбалФудбал - ВТОРА ЛИГА

Вардар слави над Воска и се врати на врвот, три бода за Пелистер и Гостивар, Охрид продолжува да „гази“

Во Автокоманда беше одиграно дербито на колото каде Вардар со 2:1 славеше над непоразениот лидер Воска Спорт со погодоците на Дарио Десниќ и Дарко Мицевски со што „вардарци“ по едно коло се вратија на врвот од табелата, по десет одиграни кола во Втората македонска фудбалска лига.

Вардар на „Железарница“ беше многу подобар противник од својот конкурентен за Прва лига, и стигна до своето осмо сезонско славје со што сега е на врвот со 25 бодови пред Гостивар кој е втор со 24 бодови, а пак Воска сега падна од првото на третото место со 23 освоени бодови.

За охриѓани стрелец на единствениот погодок беше искусниот Изаир Емини, кој од белата точка во финишот од мечот погоди и со тоа го ублажи првиот сезонски пораз на Воска.

Гостивар со 0:3 го доби дуелот во Гевгелија, каде славеше над Кожуф и со тоа, како што кажавме сега е на второто место на табелата. Ваквата ситуација на табелата ќе направи да гледаме неизвесна борба меѓу конкурентите за местата кои водат во Прва лига.

До своето седмо сезонско славје Гостивар стигна со погодоците на Стојан Стојчевски, кој го отвори резултат во 28. минута, Антонио Каланоски, кој стрелаше во финишот од првиот дел за 0:2 на полувреме и Лазар Пеев, кој во 63. минута ги постави конечните 0:3.

Арсими конечно се врати на победите откако на домашен терен славеше во дербито со Беса со резултат од 2:0. Хузри Џемаили уште во 9. минута го отвори резултатот за водство на домашниот тим. Текот на натпреварот беше неизвесен и возбуден кога е во прашање победникот и бодови, а сите дилеми ги реши Шпенд Асани, кој во 94. минута постигна гол за четврти сезонски триумф на Арсими.

Луд меч се одигра во Радовиш каде Детонит Плачковица со 3:2 славеше над Локомотива Пехчево, а херој за радовишани беше Тони Мирчевски.

Гостите први стигнаа до водство со голот на Марко Стојчески, кој погоди од белата точка за 0:1 во 32. минута, но радоста траеше само две минути, откако Оливер Христов погоди за 1:1 на полувреме. На стартот од вториот дел Филип Ѓорѓиевски донесе ново водство за Локомотива од 1:2 и со тоа ја вжешти атмосферата на Градскиот стадион во Радовиш.

Филип Димоски во 71. минута од мечот го израмни резултатот на 2:2 со што натпреварот влезе во супер луда завршница, а херој беше Мирчевски, кој во 91. минута ја стресе противничката мрежа за конечните 3:2 и „ерупција“ на домашната публика за големата победа Детонит Плачковица.

Охрид во финишот ја сруши Саса (1:0) за петта победа во низа со што охриѓани се пробија на петтото место на табелата и прават силен притисок за местата кои водат во Прва лига. Отпорот на „рударите“ од Македонска Каменица беше срушен во финишот од мечот одигран на „Билјанини Извори“.

Охрид е единствениот второлигаш кој во моментот има форма од пет последователни победи. Стрелец на победничкиот гол вреден три големи бодови беше Арбен Тафа, кој погоди во 92. минута од мечот.

Борец никако да победи во Втора лига и продолжува да тоне на табелата. Ниту промените во стручниот штаб не даваат позитивни резултати, а денес велешани го запишаа својот десетти сезонски пораз во низа, откако на домашен терен беа поразени од Караорман со резултат од 0:2.

Борец нема позитивен резултат откако лани испадна од Прва лига, а ваквите резултати воопшто не му одговараат на велешкиот второлигаш, кој пополека оди кон испаѓање во Трета лига – Југ, доколку работите за брзо време не се променат на подобро.

Никола Секулоски во 53. минута погоди за водство на стружани, а пак Аљтин Лога во 79. минута ги постави конечните 0:2 за големо славје на Караорман, кој дома се враќа со големи три бода.

Пелистер со минимални 1:0 ја доби струмичка Беласица за шесто славје и со тоа продолжува да ги следи водечките Вардар, Гостивар и Воска. „Пелистерци“ до трите бодови стигнаа со голот на Никола Наумоски, кој беше постигнат во 44. минута од натпреварот одигран во Битола.

Колото ќе биде комплетирано утре со дербито од дното на табелата меѓу Тетекс и Слога од Виница. Мечот се игра во Тетово и ќе започне во 13 часот.

  • ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ВТОРА ЛИГА:

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!