Вардар Неготино го тресна и Возарци ДМД, Превалец се „лизна“, Питу Гули и Динамо со три бода

Извештајот со стрелци од сите натпревари од 13. коло на Трета лига – Југ го овозможи Revolution Development.
Вардар Неготино го збриша „фенерџијата“ Возарци ДМД на гостински терен со убедливи 1:6. „Вардарци“ играат одлична сезона и сигурно чекорат кон бараж за промоција во Втората фудбалска лига која од следната сезона ќе биде единствена.
Неготинци на полувреме имаа водство од 0:2 со погодоците на Даниел Буровски и Петар Најдов. На стартот од вториот дел Вардар од Неготино тргна убедливо и стигна до водство од 0:4 со погодоците на Марјанчо Илов и Даниел Марков кој погоди во 51. минута, а една минута подоцна Ванчо СИмонов намали на 1:4.
Тоа како да ги „налути“ гостите кои до крајот постигнаа уште два погодоци за конечните и убедливи 1:6, а стрелаа Петар Ристовски и Дарко Мојсовски.
Динамо на домашен терен забележа триумф совладувајќи го Бучин со резултат од 2:1. Гостите преку Никола Сламкоски први дојдоа до водство, а домашната екипа пред крајот на првиот дел дојде до 1:1 на полувреме со голот на Кире Наумоски. Во вториот дел Наумоски со втор гол ги постави конечните 2:1 со што Динамо преку пресврт дојде до три големи бодови.
Младост 1930 на домашен терен го загуби дербито од долнито дел на табелата откако со 1:2 загуби од Обршани. Триумфот на гостите добива на тежина бидејќи беше обезбеден во самиот финиш од мечот поточно во 90. минута.
Revolution Development е софтверска компанија посветена на развој на врвни решенија за бизниси
Резултатот го отвори Никифор Ујгуноски во 23. минута за водство од 0:1 на полувреме за Обршани. Во вториот дел Ивица Мијајлески погоди во 72. минута за 1:1. Мечот кој се играше во Кривогаштани влезе во супер завршница, а Виктор Ѓорески во 90. минута приреди „ладен туш“ за домаќините откако успеа да ја стресе противничката мрежа за конечни 1:2 и голема радост за гостите.
Марена иако прва дојде до водство против Ново Црнилиште, на крај, мораше да се задоволи само со бод (1:1). Гостинската екипа уште во 6. минута од мечот стигна до водство од 0:1 со погодокот на Александар Велјанов. Пред крајот на првиот дел Ерџан Ираимоски постигна гол за конечни 1:1, откако во вториот дел мрежите мируваа и на двете страни.
Питу Гули во финишот дојде до голем триумф над Слога 1976 откако на теренот во Лажани триумфираше со 1:2. Гостите од Крушево преку Јани Пажиќ во 24. минута од мечот дојдоа до водство од 0:1, резултат со кој се замина на полувреме. На стартот од вториот дел Александар Неделкоски постигна гол за 1:1 со што вториот дел донесе голема неизвесност во Лажани. Пред самиот меч поточно во 86. минута Ѓорѓи Стрезовски ја стресе противничката мрежа за конечните 1:2 и златни три бода.
Дербито меѓу Големо Коњари и Превалец заврши без победник и без погодоци (0:0) со што екипите го поделија „пленот“. Ваквиот резултат воопшто не му одговара на Превалец кој на крајот од мечот мораше да се задоволи само со бод, но сега има поголема бодовна негатива во однос на непоразениот лидер Вардар од Неготино.
Вардар Неготино е на врвот од табелата со 32 бодови, пред Превалец кој е втор со 29 бодови, а пак Росоман е трет со 23 бодови.