Убедливи победи за Братство Големо Коњари и Пролетер, минималец за Напредок Крушеани

Минатиот викенд започна новата сезона од Општинската Б фудбалска лига во Прилеп со натпреварите од 1. коло.
На стартот од новата сезона Братство Големо Коњари и Пролетер покажаа моќ и забележаа убедливи победи.
Братство Големо Коњари на домашен терен со убедливи 6:1 го декласираше Прилеп Сити, кој немаше сили ниту на момент да го запре налетот на разиграниот домаќин. Двоен стрелец во убедливата победа на Братство беше Деан Ристески, а по еден гол постигнаа Николче Божиноски, Христијан Куковски, Игор Тошев и Валентино Божиноски. За гостинската екипа единствен стрелец беше Димитар Грозданоски.
Пролетер со „петарда“ над Пелагонија од Пашино Рувци покажа дека има високи амбиции за новата сезона. Во убедливата победа од 5:0 за екипата на Пролетер хет-трик постигна Денис Шерифоски, а по еден гол постигнаа Асан Еминоски и Ќенан Демироски.
Ланскиот третолигаш Напредок од Крушеани новата сезона ја започна со минимален триумф од 1:0 над екипата на Боротино. Единствен стрелец беше Самоил Граорски.
Денес со почеток од 15 часот ќе бидат одиграни трите натпревари од 2. коло.
- Второ коло:
Прилеп Сити – Пролетер
Боротино – Братство Големо Коњари
Мажучиште – Напредок Крушеани
Колку за потсетување во новата сезона од Општинската Б фудбалска лига – Прилеп се натпреваруваат седум екипи. Екипата на Мажучиште која се натпреваруваше и во Трета лига – Југ, минатото коло беше слободна, па така, денес ќе го одигра првиот првенствен натпревар во новата сезона.