ФудбалФудбал - ТРЕТА ЛИГА

Турново во понеделник ги „пали моторите“, се преговара за засилувања, а клубот добива и затворена сала со вештачка трева!

Екипата на Хоризонт Турново која беше една од најмладите во Третата лига – Исток одигра солидна есен и заврши на делба на четвртото место со 22 освоени бодови, шест помалку од лидерот Брегалница од Делчево.

Спортска Мрежа разговараше со шефот на стручниот штаб, Ацо Стојанов околу постигнатите резултати од есенската полусезона, предизвиците во пролетниот дел, „костурот“ на екипата и засилувањата.

Шеф на стручниот штаб, Ацо Стојанов

„Можам да кажам дека сме задоволни од првиот дел на сезоната, бидејќи ја имавме една од најмладите екипи во лигата и се претставивме во добро издание. Точно дека бодовната разлика од 6 бода не е многу, каде 5-6 екипи се со изедначен квалитет што ветува доста интересна завршница.“

„Костурот“ на екипата ќе биде сочуван, а се преговара со неколку засилувања кои би ги освежиле сите линии во екипата, а со тоа ќе се зголеми и конкуренцијата.

„Во најголем дел играчкиот кадар останува ист. А за заминување од клубот во моментот нема, иако некои од фудбалерите имаа понуди тие сепак остануваат во клубот. Засилувања сигурно ќе има и во моментот сме во контакт со неколку играчи, па кога ќе постигнеме договор тие ќе бидат претставени во клубот. Сакаме да ги освежиме сите линии во екипата за да ја зголемиме конкуренцијата и така да добиеме уште поквалитетна екипа во вториот дел од првенството.“

Хоризонт Турново – Овче Поле, Трета лига – Исток

Доколку на клубот му се укаже шанса за прво место истата ќе биде искористена.

„Очекувањата и целите се исти како и на почетокот на првенството, само што сега сме поискусни за една полусезона и тие млади играчи и на индивидуално ниво ќе бидат уште подобри, а со самото тоа ќе се подигне и квалитетот на цела екипа на повисоко ниво. А дали ке атакуваме на првата позиција ? Самите натпревари ќе покажат дали ќе можеме да стигнеме до таму, но и најмалата шанса ако ни биде дадена, ќе ја искористиме, а тоа ќе биде најголема награда за тие млади играчи и нормално голем успех за клубот.“

Хоризонт Турново – Спартмани, Трета лига – Исток

Турновци подготовките официјално ќе ги стартуваат во понеделник и ќе се подготвуваат на стадионот „Кукуш“ во Турново, како и новоизградената сала со вештачка трева, а договорени се и неколку контролки.

„Подготовките се закажени за 1. февруари. Во моментот фудбалерите ја одработуват индивидуално програмата од првиот дел на подготвителниот период. Припремниот дел ќе го одработиме на нашиот стадион во Турново, „Кукуш“. Имаме договорено неколку пријателски натпревари и ќе се подготвиме максимално за вториот дел од сезоната. За крај сакам да кажам дека со почетокот на припремниот период ФК Хоризонт Турново ќе ја има на располагање новоизградената сала со вештачка трева која се наоѓа исто на стадионот „Кукуш“ во Турново и со тоа добиваме одлични услови за работа како за првиот тим, така и за најмладите категории во клубот“, завршува шефот на стручниот штаб, Ацо Стојанов.

Турново пролетниот дел го отвара на домашен терен против Раклиш.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!