Тухел: Никогаш не отпишуваме, Јунајтед е голем клуб

Менаџерот на Челзи, Томас Тухел, истакна дека неговиот тим е подготвен да одигра на највисоко ниво на натпреварот против Манчестер Јунајтед.
„Сините“ во недела ги пречекуваат „црвените ѓаволи“ во 13. коло од Премиер лигата. Вчера Тухел одржа прес-конференција, а првото прашање беше поврзано со доаѓањето на Ралф Рангник на „Олд Трафорд“.
„Многу ми помогна, ми беше тренер и беше еден од оние кои ме убедија да бидам тренер. Тој имаше влијание врз сите нас. Пред да кажам нешто повеќе, треба да бидеме свесни дека тој сè уште не е именуван. Затоа треба да покажеме почит кон сите“, рече Тухел.
Челзи е прв на табелата со 29 бодови. Јунајтед има 17 на осмото место.
„Никогаш не отпишувам никого. Ниту на овој натпревар, ниту во лигата. Јунајтед е голем клуб, пред се, но има и многу искусна група играчи. Не смееме да им дозволиме да дојдат до нивната игра, бидејќи тогаш ќе го покажат сиот свој потенцијал“.
Запрашан дали ова е вистинско време за дуел со Јунајтед, германскиот стручњак одговори:
“Не знам. Не размислуваме за тоа, целата енергија ја насочуваме кон нашиот тим. Подготвени сме за големи предизвици и сакаме да играме на највисоко ниво“.
Тухел истакна дека не очекувал толку добри резултати од неговиот тим.
„Не, но тоа е можеби добра работа, бидејќи не дозволивме да се занесеме. Беше тешко да се замислат вакви работи, бидејќи одлуката беше донесена брзо“.
Натпреварот в недела на програмата е од 17:30 часот.