ФудбалФудбал - ТРЕТА ЛИГА

Црно Буки го реши Караорман среде Струга, реми на дербито меѓу Кравари и Новаци

Денес се одиграа натпреварите од 13. коло од Третата лига – Југозапад.

Црно Буки одигра одличен натпревар и среде Струга со 1:3 го совлада фаворитот Караорман кој атакува за влез во Втората лига – Запад. Гостите резултатот го отворија уште во 1. минута од натпреварот, а стрелец беше Даралиовски Оливер. До крајот на првиот дел мрежите мируваа. Во вториот дел домаќинот се обидуваше брзо да се врати во игра, но не успеваше, а Црно Буки со одличната игра постигна уште еден гол за 0:2 во 84. минута. Во последните 2 минути од натпреварот паднаа уште два гола. Во 88. минута Караорман преку Милевски Методија намали на 1:2, а во 90. минута „џокерот“ Лавуровски Христијан погоди за конечни 1:3 и голема победа на Црно Буки.

Дербито меѓу Кравари и Новаци заврши без победник со четири гола, односно 2:2. Новаци стартуваше одлично и резултатот го отвори во 3. минута со гол на Наумоски Благоја, а во 17. минута преку Ѓорговски Јоцо зголеми на 0:2. Пред крајот на првиот дел Кравари преку Јанакиевски Владе намали на 1:2. Во вториот дел Кравари во 55. минута со втор гол на Јанакиевски израмни на конечните 2:2.

Преспа се „лизна“ во Грнчари каде загуби со 2:0 од домаќинот Лирија. Наумовски Пеце погоди во 49. минута за 1:0, а Поповски Дарко во 83. минута за конечните 2:0.

Победа Ивањевци го доби дербито од дното на табелата, откако во Могила славеше со 1:2 над „фенерџијата“ Стрела. Резултатот беше отворен во 9. минута со гол на Велевски Илче. Домаќинот го израмни резултатот со гол од пенал во 26. минута, а успешно реализираше младиот Цветаноски Бобан. Во вториот дел гостинот со гол на Иса Јувал дојде до голема победа.

Лидерот Воска запиша нова победа, откако славеше на гостувањето кај Дебарца со 2:4. Со гол на Наџаку Алберт охриѓани дојдоа до рано водство уште во 4. минута. Младиот Доко Насер во 22. минута постигна гол за 0:2, резултат со кој се замина на полувреме. Во вториот дел Дебарца преку Клечкароски Христијан намали на 1:2 во 69. минута, а пет минути подоцна Стојковски Николче зголеми на 1:3. Во 80. минута Доко Насер постигна втор гол за 1:4, а Велоски Јордан ги постави конечните 2:4.

Белица и Македонија Враништа ремизираа играјќи 2:2. Гостинот од Враништа со гол во 14. минута го отвори резултатот, а стрелец беше Радески Александар. Во 38. минута Белица израмни на 1:1 со гол на Шадов Денис, а пред крајот на првиот дел успеа да дојде и до водство од 2:1 со гол на Бајрамоски Сенад. Во вториот дел Македонија Враништа играше подобро и во 75. минута со гол на Милески Марјан израмни на 2:2, а тоа беше и конечниот резултат.

Октиси со минимални 1:0 беше подобар во дуелот со Сатеска. Стрелец на единствениот гол кој падна во 39. минута беше капитенот Ѓетали Белќија.

Влазними впиша службени 0:3 и три службени бодови, бидејќи екипата на Фламуртари е дисквалификувана.

Целата табела можете да ја погледнете ОВДЕ.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!