Третолигашко дерби на Истокот меѓу Брегалница и Малеш, Турново против Чешиново

Во недела се игра 11. коло од Третата лига – Исток со кое што коло ќе биде заокружен есенскиот дел од сезоната. Големото дерби на Истокот се игра во Делчево, каде ќе се соочат лидерот Брегалница и Малеш од Берово.
Мечот ќе го привлече најголемото внимание во ТМФЛ – Исток, бидејќи двете екипи атакуваат за Втора лига, па ќе понуди неизвесно и големо дерби. Брегалница со осум победи, едно реми и еден пораз има 25 бодови и се наоѓа на врвот, додека Малеш со 22 бодови е на третото место на табелата. Натпреварот ќе биде доста важен и за двете екипи. Брегалница на домашен терен е непоразена, па тоа ќе биде голема предност за нив, после убедливата победа од 6:0 над Раклиш на домашен терен и 0:3 над Спартмани во Градско Балдовци. Малеш доаѓа силно мотивиран, после ремито со одличниот Карбинци, екипата од Берово ќе атакува на позитивен резултат против одличната Брегалница со цел да се врати на врвот.
Карбинци на домашен терен ќе се соочи со „фенерџијата“ Василево, кој доаѓа мотивиран за втора победа, после убедливиот триумф од претходното коло каде славеше со 5:2 над Тиверија.
Овче Поле на домашен терен го очекува натпревар со „незгодната“ екипа на Спартмани од Градско Балдовци. Иако гостите влегоа во мала резултатска криза, сепак во Свети Николе доаѓаат по позитивен резултат. Овче Поле влезе во победнички ритам и на овој меч ќе атакува на победа со цел да остани во сериозна трка за првото место и Втора лига.
Детонит и Раклиш ќе игра градско дерби во Радовиш. Детонит кој атакува на прво место и Втора лига на овој меч ќе биде голем фаворит против екипата на Раклиш која е влезена во резултатска криза.
Хоризонт Турново на „Кукуш“ ја чека екипата на Чешиново, која исто така има резултатска криза. Турновци поради формата и домашниот терен ќе важат за фаворити на овој меч.
Тиверија на домашен терен ќе има шанси да излезе од резултатската криза и конечно да запише победа против очајната екипа на Работник Џумајлија. Натпреварот ќе биде мало дерби од дното на табелата.
Сите натпревари ќе започнат во 13:00 часот и ќе бидат одиграни без присуство на публика, согласно мерките и препораките за заштита од Ковид-19.
Еден Коментар