Трета лига – Исток под лупа: Детонит осамен на врвот чекори кон враќање во Втора лига, но многу работи зависат од Хоризонт Турново!

На седум кола до крајот од Третата лига – Исток возбодувањата и неизвесноста продолжува. Детонит во неделата среде Делчево без многу проблеми го доби дербито со Брегалница и тоа со играч помалку, па со 38 бодови е осамен на врвот од табелата. Радовишани имаат одлична и квалитетна екипа која во зимскиот преоден рок беше дополнително засилена, па враќањето на Детонит во Втора лига е се поизвесно, иако до крајот има уште неколку клучни натпревари за екипата од Радовиш.
Брегалница немаше сили ниту со играч повеќе на теренот да дојде барем до реми, па мораше на крај да му честита на противникот за одличната игра и да го отстапи првото место на Детонит. Но, битката за прво место за третолигашот од Делчево не е загубена, следуваат возбудливи дерби натпревари со кои може да се случи повторно Брегалница да се врати на посакуваното прво место, но најпрво мора истите да ги добие и да се надева на кикс на Детонит.
ЦЕЛАТА ТАБЕЛА ОД ТРЕТАТА ЛИГА – ИСТОК ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ОВДЕ
Хоризонт Турново и Овче Поле со по 34 бодови ја делат третата позиција на табелата. Двете екипи имаат исто така големи шанси за првата позиција на табелата, а дали ќе успеат да направат изненадување зависи само од нив. Двете екипи играат клучни натпревари токму со конкурентите. Овче Поле пред две кола одигра 0:0 со Брегалница на домашен терен, додека во недела ќе гостува во Радовиш каде ќе игра дерби со Детонит, по што следува уште едно дерби со Турново на Градскиот стадион во Свети Николе.

Хоризонт Турново до крајот од сезоната има директни дерби пресметки со Брегалница, Овче Поле и Детонит. Турново веќе во недела на „Кукуш“ го чека конкурентот од Делчево, а веднаш потоа игра дерби со Овче Поле во Свети Николе, по што ќе биде домаќин на Детонит. Во овој случај Турново го има најтешкиот распоред бидејќи игра со трите конкуренти едно по друго, двете средби ги игра дома додека едната ја игра на гостински терен. Во овој случај многу работи на табелата зависат од овие натпревари и од самата екипата на Турново, па после 18-тото коло ќе стане појасно околу патникот во Втората лига.
РЕКЛАМИРАЈ СЕ НА СПОРТСКА МРЕЖА, ПОДДРЖЕТЕ ЈА НАШАТА РАБОТА
Малеш ги загуби шансите за прво место после поразот во Свети Николе од Овче Поле, како и од загубеното дерби со Детонит на домашен терен. Беровчани ќе играат за што подобар пласман на табелата, па амбициите за враќање во Втората лига ќе ги задржат и за следната сезона. Интересно е тоа што Малеш во последното коло ќе биде домаќин на Брегалница, натпревар кој може да се покаже како клучен за Брегалница во битката за Втора лига, а Малеш ќе има мотив плус за одмазда за поразот во Делчево.