Тиверија и Овче Поле убедливи, реми во Валандово и Богданци, три бода за Рудар и Осогово

Денес беа одиграни натпреварите од петтата рунда од Третата македонска фудбалска лига – Исток.
Најубедлива победа однесе Тиверија која на домашен терен со 4:0 славеше над Дојранско Езеро. Стрелци на погодоци за струмичани беа Никола Тасев, кој стрелаше во првиот дел и Ване Новков, Наум Блажевски и Васко Трајков, кои погодија во вториот дел.
Висока победа забележа и шампионот Овче Поле, кој со високи 2:5 славеше кај Карбинци. На полувреме гостите од Свети Николе имаа водство од 0:2. За домашниот тим стрелци беа Саше Соколов и Стефан Стефанов, додека пак за Овче Поле двојни стрелци беа Дарко Нацев и Николче Симонов, додека пак Симе Наков си постигна автогол.
Осогово потешко од очекуваното славеше над Академија Чешиново-Облешево со 3:2. Ланскиот второлигаш кој важи за фаворит за освојување на врвот и со тоа бараж за можен кам-бек во Втора лига забележа триумф со пресврт.
Михаил Јакимов уште во 5. минута го отвори резултатот за водство на гостинската екипа, а до крајот на првиот дел Христијан Крстов и Тоше Манов стрелаа за водство на „жетварите“ од 2:1 на полувреме.
На стартот од вториот дел Илија Шуманов постигна погодок за 2:2 со што мечот влезе во голема неизвесна завршница. Херој на мечот беше Никола Стоиловски кој во 88. минута постигна гол за конечни 3:2 и голем триумф за Осогово.
Рудар со 2:0 го доби дуелот со Брегалница од Делчево на домашен терен. Резултатот беше отворен со автогол на Бојан Петровски за водство на „рударите“ од 1:0 на полувреме.
На стартот од второто полувреме Рудар стигна до водство од 2:0 со голот на Марио Атанасовски, кој стрелаше во 64. минута од мечот одигран на Градскиот стадион во Пробиштип за конечните 2:0.
Вардарски и Спартмани го поделија „пленот“ во Богданци откако одиграа 0:0. За домашниот тим денешниот бод беше прв во новата сезона по пет одиграни кола.

Победа Валандово одигра храбар меч и откина два бода од фаворитот Малеш, во меч каде двете екипи ремизираа играјќи 1:1. Домашниот тим преку Адријан Спасиќ стигна прв до водство од 1:0 уште во 17. минута, а на стартот од вториот дел Митко Пачемски постигна гол за конечни 1:1 со што го спаси Малеш од пораз.
- ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ТРЕТА ЛИГА – ИСТОК:
