Тиквеш ремизираше со Работнички (ФОТО)

Второлигашот Тиквеш од Кавадарци одигра уште еден одличен контролен натпревар, откако на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари ремизираше со Работнички играјќи 1:1.
Тиквеш поведе рано, во шестата минута од натпреварот. По корнер, во продолжение од акцијата најдобро се снајде Петар Љамчевски и успеа да ја затресе мрежата на Ристе Јанков. Но, Работнички веднаш тргна по израмнување, шанса имаше Петар Петковски, потоа се закани и Никола Прелчец, и новото засилување успеа да погоди со удар од далечина во 23.минута.

Пред крајот на првиот дел Симеон Христов излезе сам пред Јанков, но голманот на Работнички со одлична интервенција го спаси голот.
Во вториот дел, Работнички беше поактивен, убави шанси имаа Фахрудин Ѓурѓевиќ и Никола Прелчец, се обиде и Максимов, но до крајот сепак остана 1:1.

За „романтичарите“ ова беше последен контролен натпревар пред почетокот на Првата македонска фудбалска лига. Тиквеш одигра одлични контролни натпревар и дефинитивно може да се носи со прволигашките екипи. На првата контролка Тиквеш победи со 2:3 против Беласица во Струмица, а потоа одигра одличен натпревар и со 4:2 ја доби радовишка Плачковица.