ТАБЕЛА: Силекс со два кикса, Воска бара директен влез во ПМФЛ, Вардар сè уште трет, неизвесност за опстанок

Кратовски Силекс во пролетниот дел сè уште не знае за триумф – непоразениот лидер забележа две последователни ремија, а веќе в сабота против Кораби ќе ја брка првата пролетна победа и со тоа ќе се обиде да не си ја загрози првата позиција на табелата и директниот кам-бек во елитата.
Двата кикса на кратовци ги зголемија апетите кај амбициозната Воска Спорт која веќе има амбиции за директен пласман односно сака сезоната да ја финишира на врвот од табелата и директно да обезбеди историско учество во Прва лига.
Вардар кој амбициозно тргна во пролетниот дел веднаш се сопна на „Билјанини Извори“ и одигра само 0:0 со Охрид, па ваквиот кикс најмногу одговараше за Воска Спорт која сега има пет бода позитивна во однос на третопласираниот Вардар, но и пет бода во однос на Силекс кој е и понатаму на врвот. Практично овие три екипи до последно коло ќе ја водат борбата за првите две места на табелата.
Сите останати екипи ќе бркаат опстанок во Втора лига за следната сезона. Тетекс е во најдобра позиција кога е прашање директниот опстанок. „Штофарите“ со 24 бодови се наоѓаат на четвртата позиција на табелата, но в сабота ќе имаат вистински предизвик против Воска Спорт на домашен терен.
Гостивар, Кораби, Беса, Велешта и Охрид меѓусебе блиску се со бодови и тоа ќе направи сезоната да влезе во тотална неизвесност до последното коло, секој бод за овие екипи ќе значи позитивен исход.
Кадино е единствената екипа која има едноцифрен број на бодови односно шест бодови и екипата теоретски се уште има надеж, иако веќе многумина го отпишаа Кадино и веќе го сметаат за нов третолигаш.
