Супер-дерби меѓу Велешта и Скопје, Охрид домаќин на Кадино

Во сабота се играат натпреварите од 16. коло од Втората лига – Запад. Супер-дерби се игра меѓу второпласираната Велешта и првопласираниот Скопје. Екипата на Велешта која лани играше во Третата лига, сега игра фантастична сезона во Втората лига – Запад и со осум победи, пет ремија и само два порази се наоѓа на второто место на табелата со 29 освоени бодови, а на последните пет натпревари има скор од едно реми и четири последователни победи. Лидерот Скопје кој воедно е и есенски шампион, важи за најсеризен патник во Првата лига, во досегашниот тек од сезоната екипа има скор од 11 победи, три ремија и еден пораз, додека на последните пет натпревари има пет победи. Велешта успеа да го „сруши“ и Гостивар, екипа која исто важи за сериозен кандидат за ПМФЛ, што ќе понуди голема возбуда и неизвесен дуел во сабота.
Охрид на домашен терен ја чека екипата на Кадино која влезе во резултатска криза. Охриѓани на „Билјанини Извори“ ќе важат за големи фаворити за нова сезонска победа, поради подобрата екипа и форма, како и домашниот терен кој е во нивна полза.
Во Дебар ќе се соочат Кораб и „фенерџијата“ Дрита, во натпревар каде домаќините ќе бидат апсолутни фаворити за нова сезонска победа. Дрита е последна на табелата и е во тешка резултатска криза, во досегашниот тек од сезоната е единствената екипа која нема запишано победа, има седум ремија и осум порази, и успеа да собере само 7 бодови. Кораб со 24 бодови е на петото место на табелата.
Гостивар на домашен терен ќе биде пред сериозен испит со екипата Велазерими. За домаќините единствената цел на овој натпревар ќе биде победа, со цел да останат во чекор со лидерот Скопје кој важи за најсериозен кандидат за Прва лига.
Тетекс на домашен терен ќе се обиде да дојде до втора последователна победа против разнишаниот Вардар Форино. Домаќините во минатото коло запишаа победа над Велазерими на гостински терен што е мотив плус за уште една победа против екипата од Форино која е во резултатска криза. Гостите ќе атакуваат на позитивен резултат со цел да останат над опасната зона за испаѓање.
Сите натпревари ќе стартуваат во 13:00 часот и ќе бидат одиграни без присуство на публика, согласно мерките и препораките за заштита од Ковид-19.