ФудбалФудбал - ВТОРА ЛИГА

Стојанов: Костурот на екипата е сочуван, Детонит ќе биде засилен со квалитетни играчи, буџетот е обезбеден, контролките се закажани!

Детонит од Радовиш ги започна подготовките за новата сезона во Втората лига – Исток под водство на новиот тренер Аце Стојанов. Претходно, како што најавивме, Спортска Мрежа прва направи интервју со Стојанов откако беше назначен за тренер на повратникот во Втора лига – Исток, екипата на Детонит.

Стојанов вели дека најпрво клубот ќе се постави организациски на повисоко ниво, а паралелно ќе се носат и квалитетни засилувања. Додава дека најголема придобивка е тоа што костурот на екипата ќе биде сочуван во целост.

„Најпрво Благодарност до управата на Детонит за укажаната доверба. Очекувањата во клубот се прво да се поставиме организациски на повисоко ниво каде во исто време ќе се работи на носење на квалитетни засилувања и да се направи респектабилен тим и во првенство да одиграме значителна улога и со тоа Детонит да се изгради во стабилен второлигаш“, раскажува Стојанов и додава:

„Тоа е нашата најголема придобивка од минатата сезона да остане можам да кажам скоро цела екипа каде и тоа ја покажува лојалноста на играчите кон клубот. Иако коструот на екипата останува скоро ист, во моментот водиме разговори со одредени фудбалери кои наскоро треба да ги промовираме во нашиот тим.“

Буџетот на радовишки Детонит е дефиниран односно утврден и обезбеден, па тоа дава сигурност во креирањето на екипата. Со Стојанов во Детонит ќе работи и еден од најдобрите кондициони тренери Илија Сасански.

„Во тој правец можам да кажам дека Детонит ќе биде еден од најдобро организираните клубови во Втората македонска фудбалска лига. Буџетот на екипата е направен и обезбеден за наредната сезона и тоа ни дава голема сигурност во креирањето на екипата и новите засилувања. Во тој дел можам да кажам дека еден од најдобрите кондициони тренери Илија Сасански е дел од стручниот штаб. Оваа само ја покажува сериозноста на управата за креирањето на тимот. За нас овој период е најбитен, каде ќе треба да ја склопиме екипата со новите засилувања и постојните играчи. Поголем дел од припремиот дел ќе го одработиме на Градскиот стадион во Радовиш, а потоа следуваат контролните натпревари кој еден дел од нив ќе ги одработиме во Пехчево и таму ќе одиграме неколку натпревари“, вели новиот кормилар на Детонит.

Детонит шампион на Трета лига – Исток

Искусниот тренер раскажува дека лигата ќе биде изедначена, а фудбалските брендови како Беласица и Победа се големи фаворити за враќање во Првата лига.

„Сигурно оваа година лигата ќе биде изедначена и, да, екипите на Беласица и Победа како фудбалски брендови во македонскиот фудбал ќе играат значителна улога во креирањето на лигата. Можам да кажам Беласица ако успее да го задржи костурот на екипата е прв фаворит за враќање во Првата македонска фудбалска лига. Како и претходно што реков, нашата цел е клубот да го изградиме во стабилен второлигаш кој ќе игра значителна улога во првенството“, раскажува Стојанов за Спортска Мрежа.

За крај од разговорот Стојанов додаде дека се утвдени контролни натпревари преку кои Детонит ќе ја темпира формата за новата сезона од Втората лига – Исток.

„Сите контролни натпревари се утврдени. Ќе тестираме со Победа од Прилеп, Академија Пандев, Беласица, Каменица Саса, Василево, Тиквеш, Трајал од Србија, Кит-Го и „генералка“ против Кожуф од Гевгелија“, заврши Стојанов.

Стартот од новата сезона во Втората лига – Исток и Запад е предвиден за 21 август.

Поврзани Наслови

Следен Наслов:
Close
Back to top button
error: Текстот е заштитен !!