Спортска Мрежа дознава: Ренова е пред целосно згаснување, нема да игра ниту во Прва лига!?

Големо изненадување денес во мак фудбалот – Ренова е пред целосно згаснување и клубот нема да се натпреварува во Првата македонска фудбалска лига во следната сезона. Според информациите до кои дојде Спортска Мрежа сите фудбалерите веќе се распуштени и може слободно да си бараат нова средина. Раководството на клубот ги информираше сите фудбалери дека Ренова од следната сезона нема да се натпреварува во ПМФЛ.
„Со жалење ве известуваме дека Ренова како прв тим во иднина нема да постои. Тоа значи дека во следната сезона нема да се натпреваруваме, односно сите сте слободни. Ви благодарам многу и ви посакувам се најдобро. Фудбалот не подели, но животот не. Секогаш ќе останете наши пријатели. Простете ни за секоја грешка што сме ја направиле“, се вели во пораката од раководството на „гипсарите“ до играчите, дознава Спортска Мрежа.
„Гипсарите“ во следните денови ќе ја информираат ФФМ дека нема да се натпреваруваат во следната сезона во фудбалската елита на Македонија. Ренова гради спортски комплекс и стадион во Џепчиште, па затоа „гипсарите“ со млада екипа ќе започнат да се натпреваруваат од Општинска лига.
Ренова на стартот од минатата сезона тргна со амбиции за излез во Европа, додека пак пред две сезони се спаси од испаѓање откако во пенал рулетот во баражот со Охрид успеа да опстане во фудбалската елита на Македонија.
Текстот го овозможи „Open Stil“ – Гостивар, компанија за прозори и врати од ПВЦ 070/814-428
Во сезоната која заврши пред околу еден месец Ренова финишираше на петтото место со 48 бодови. Инаку Ренова е поранешен шампион на Македонија во сезона 2009/2010 и освојувач на Купот во 2011/2012.
Сега се отвара и прашањето, доколку Ренова во следната сезона не настапува во ПМФЛ, тогаш УО на ФФМ ќе треба да донесе Одлука за тоа кој ќе игра на местото на Ренова, односно која екипа ќе го пополни тоа место.
Во следните денови се очекува раководството на Ренова да излезе и со официјално соопштение.