Скандинавците со убедлива игра до победа над Македонија, која го запиша првиот пораз на СП

Македонија со пораз го отвори Светското првенство во Египет, швеѓани иако ослабени покажаа дека се далеку поквалитетни од нашата репрезентација и сосема заслужено запишаа убедлива победа од 32:20.
Македонија со технички грешки го отвори првото полувреме, а тоа Шведска го искористи и на полувреме имаше водство од 16:11. Нашата одбрана немаше решение за расположениот Ване кој постигна дури шест гола во првиот дел од натпреварот.
Македонија прва го отвори резултатот и на почетокот се играше гол за гол. Одличниот Стоилов и Поповски погодија за 4:4, по што швеѓаните одлепија на +3 при 7:4. Цветан Кузмановски со дебитанскиот гол намали на 7:5, а потоа капитенот Лазаров прво преку седмерец, а потоа и со гол од игра намали на 8:7. Митрески во 13. минута ја запиша првата интервенција, а Пешевски погоди со што Македонија израмни на 8:8.

Шведска преку Ване веднаш поведе на 9:8, а одличниот Митрески повторно запиша нова интеревенција и не дозволи скандинавскиот тим да зголеми на +2. Македонија преку Лазаров кој постигна гол од седум метри дојде до ново израмнување од 9:9.

Следуваше третата интервенција на Митрески кои го спречи Персон да постигне гол, а Македонија не ја искористи шансата за да го врати водството. Швеѓаните преку новите два гола на Ване, двата на Персон и еден на Готфридсон направија серија од 5:0 за 14:9, а тоа го вклучи алармот кај нашата клупа со што Брестовац повика тајм-аут.

Во 25. минута беше досуден првиот пенал за Шведска, а Томовски успеа да го одбрани пеналот на Ване. Минута потоа пенал за Македонија кој успешно го реализира капитенот Лазаров за 14:10. Митревски ја запиша четвртата интеверција, но ние не успеавме да погодиме и да го намалиме резултатот.
Карлсбогард постигна гол за 15:10 со што шведскиот состав имаше +5, а Кузмановски веднаш постигна атрактивен гол за 15:11. Во последните секунди од првиот дел Димитриоски не постигна гол и на полувреме се замина со 16:11.

Во вториот дел од натпреварот Шведска веднаш постигна гол за 17:11, а Лазаров не успеа да реализира пенал. Одличниот Персон постигна два гола за +8 при 19:11. Пешевски постигна гол за 19:12 и намали на седум разлика. Шведска до 35. минута од натпреварот има 70 проценти реазлизација.
Во 36. минута Персон беше фаулиран со што беше досуден и пенал за Шведска, а Стоилов доби две минути. Ване успешно го реализираше седмерецот за 20:12. До 43. минута резултатот беше 24:15.

Томовски до 50. минута од натпреварот имаше пет успешни интеревенции, но не успеавме да реализираме зицер и резултатот остана 24:17
Шведска играше одлично во одбраната во текот на целиот натпревар, со што уште еднаш потврди дека иако ослабена сепак е поквалитетен противник.
Последните минути од натпреварот се играа рутински, без да се форсира од страна на швеѓаните, кој сосема заслужено дојдоа до убедлива победа од 32:20
Најдобар во редовите на Шведска беше Ване со 11 погодоци, Персон запиша шест, додека во нашата репрезентација најдобар беше капитенот Лазаров кој постигна пет погодоци.
Утре е ден за одмор за нашата репрезентација, одмор кој ќе ни биде потребен пред саботниот дуел со домаќинот Египет.