РакометРакомет - Суперлига

Симиќ: Направивме голем успех, Тиквеш заслужи да игра во плеј-офот

Ракометарите на Тиквеш по вчерашната победа над Работнички од 25:18 во рамки на претпоследното коло од плеј-аутот обезбедија опстанок и во следната сезона ќе бидат дел од Супер лигата на Македонија.

Спортска Мрежа разговараше со ракометарот на Тиквеш, Страхиња Симиќ за резултатите од првиот дел, за пропуштената можност за плеј-оф и за резултатите во плеј-аутот.

Симиќ вели дека Тиквеш направил голем успех и заслужил да игра во плеј-офот, додава дека играњето во плеј-аутот е со голем притисок и без право на грешка.

„Мислам дека направивме голем успех! Мислам дека заслуживме да играме во плеј-оф, но добро, тоа е спорт. Не е лесно да се игра во плеј-аут, притисокот е голем на секој натпревар, а право на „кикс“ нема. Успеавме да го заземеме првото место уште во првото коло и никој не нè помрдна од тоа место до 13. коло. Покажавме квалитет и големо пријателство. Ова успеавме да го направиме преку тимска работа. По Металург, ние бевме најефикасна екипа според бројот на голови, сметајќи ги двете групи, но тоа е спортот. Мислам дека се „собравме“ доцна, требаше време тимот да се вклопи, сè да си дојде на свое место, во вториот дел од сезоната го потврдивме и докажавме квалитетот. И во првиот дел одигравме добро, бевме единствената екипа што победивме во Битола, на пример, не можам да кажам дека бевме лоши. Се вклопивме, требаше време, имавме јасна цел да ги победиме сите противници во разигрувањето и мислам дека доаѓањето на голманот Стојаноски промени многу работи на подобро во нашиот тим. Сепак, хемијата и тимскиот дух беа клучни за овој резултат. Нема играчи во нашиот тим кои ќе постигнат 15 гола, или ќе играат сами, ние сме тим, сите се бориме едни за други и сите играчи се подеднакво важни, од првиот до последниот“, вели Симиќ за Спортска Мрежа.

Тиквеш во последното коло ќе игра против Прилеп.

„Влегуваме во секој натпревар да победиме и да даваме 100%, така беше од почетокот и така ќе биде и сега. Уморни сме и тимот е истоштен, во секоја смисла, колку физички, толку емотивно, но дефинитивно одиме на победа, на секој натпревар“, заврши Симиќ.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!