ФудбалФудбал - ПРВА ЛИГА

Силекс со бод си оди од гостувањето кај Работнички, деби гол за Прелчец

Работнички ремизираше играјќи 1:1 против Силекс на Националната арена „Тодор Проески“ во 20. коло од Првата фудбалска лига. Тимот на Александар Влахо имаше водство со првиот гол на Никола Прелчец во дресот на Работнички. Тој успеа да погоди во 53. минута, но Силекс стигна до реми со погодокот на Иван Галевски во 80. минута од натпреварот.

Кристијан Стојкоски ја имаше првата можност на натпреварот откако убаво беше проигран од Лука Станковски. Тој шутираше од 15 метри, но Даниел Божиновски беше добро поставен.

Силекс возврати преку Иван Ивановски кој имаше изгледна шанса по проигрувањето на Дејан Тантуровски од левата страна. Сепак, Ристе Јанков успеа да ги спречи и двата обиди на Ивановски.

Во 37. минута, Тантуровски излезе сам пред Ристе Јанков, но нашиот голман на феноменален начин, со рефлексна реакција со нога, успеа да спречи водство за Силекс.

Во 53. минута, Работнички дојде до предност. Методи Максимов се проби по десната страна, го проигра Никола Прелчец во средината, а тој од прва ја испрати топката зад грбот на Божиновски.

Неколку минути подоцна Прелчец се закани и со удар откосо од десната страна, но не беше доволно прецизен.
Се обиде и Кристијан Стојкоски, но без ефект.

Во 80. минута од натпреварот, Силекс успеа да израмни. Тантуровски ја префрли топката од левата страна, Пепи Ѓоргиев ја спушти за Иван Галевски кој од непосредна близина ја затресе мрежата на Јанков.

Работнички во финишот се обиде да стигне до ново водство и триумф, Прелчец и Стојкоски се заканија, но, сепак, на крајот остана нерешениот епилог.

Во следното 21. коло, Работнички на домашен терен ја пречекува Шкендија, додека Силекс во Кратово го чека Шкупи.

Целата табела од Првата македонска фудбалска лига можете да ја погледнете ОВДЕ.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!