Силекс е во финалето од Купот, откако оствари триумф над Струга

Кратовски Силекс е вториот финалист од Купот на Македонија, откако покрај езерото со минимални 0:1 запиша триумф над Струга Трим Лум и на 19. мај ќе игра финале со Академија Пандев.
Во првиот дел Силекс беше поконкретен и повеќе беше на половината на Струга, меѓутоа мрежата на противникот мируваше.
Најинтересна ситуација во првиот дел се случи во 25. минута, кога Силекс преку Пепи Ѓорѓиев постигна гол со глава, но арбитрите веднаш се огласија и го поништија голот, меѓутоа на снимката се гледаше дека Миленковски доцни со излегувањето, па тука голот беше чист, на што кратовчани имаат за што да жалат.
Во вториот дел Струга заигра многу подобро, па домаќинот започна со притисок кон гостинот од Кратово, но немаше промени на резултатот. Во 81. минута Силекс успеа да го скрши отпорот на домашната екипа, откако од слободен удар топката стигна до главата на Ристе Каракамишев кој убаво ја смести топката во мрежата на Мирселовски за 0:1.
Струга тргна со голем притисок, бидејќи немаше што да загуби, но Јахја заработи втор жол картон, па Струга остана со играч помалку на теренот. До крајот на натпреварот стружани се обидуваа да стигнат до израмнување и да се обидат преку пенал рулетот да го добијат натпреварот, меѓутоа нивните надежи паднаа во охридското езеро, па Силекс патува во големото финале.
Победникот во финалето меѓу Академија Пандев и Силекс ќе обезбеди и „виза“ за излез кон Европа.