Шкупи доби суспензија од шест меча поради инцидентот со Шкендија во Купот на Македонија

Македонскиот фудбалски шампион Шкупи доби казна од шест натпревари неиграње на Чаир, односно ќе мора да биде домаќин 100 километри надвор од Скопје, поради големиот инцидент кој се случи во четвртфиналето од Купот на Македонија.
Шкупи веќе одигра еден натпревар на Градскиот стадион во Кичево како домаќин со екипата на Скопје, па остануваат уште пет натпревари. Многу веројатно е дека „гулабите“ останатите пет натпревари како домаќини ќе ги одиграат во Кичево.
Колку за потсетување натпреварот со Шкендија од четвртфиналето од Купот беше прекинат во десетата минута од мечот, откако домашните навивачи влетаа на теренот и ги нападнаа фудбалерите на Шкендија при водство од 0:1 за тетовскиот прволигаш.
Овој меч беше регистриран со службена победа за Шкендија од 0:3 и на тој начин се најде во полуфиналето од Купот на Македонија.