
Актуелниот футсал шампион Шкупи ја оправда фаворитската улога со убедлива победа од 2:8 над Црна Река во Кавадарци, во последниот есенски натпревар во Првата футсал лига на Македонија.
Првото полувреме беше израмнето и заврши со 1:2. Резултатот беше отворен во 4. минута за водство на домаќинот од 1:0 преку Тони Гацев. Три минути подоцна Иљбер Алили израмни на 1:1, а во 13. минута водството го презеде Шкупи со голот на Димовски.
Во вториот дел шампионот одигра моќно и го декласираше домаќинот. До 29. минута Шкупи имаше водство од 1:6 преку трите гола на Еркан Сефери и еден на Димовски. Гостите не запираа и продолжија со убедливата игра и постигнаа уште два гола до 37. минута за 1:8 преку Александар Глигоров и Алили. Конечните 2:8 ги постави Видан Станоев со гол постигнат во 37. минута.
Пролетниот дел од сезоната Шкупи го отвара на домашен терен против Карадаку, додека Црна Река ќе гостува во Штип кај Астибо.